Свет

Виена прогласена за најдобар град за живеење во светот

Главниот град на Австрија, Виена, е најдобар за живот, покажа анализата на „Економист интелиџенс јунит“ (дел од групацијата „Економист“).

Ова е првпат европски град да биде на врвот на оваа листа, на која седум години по ред „владееше“ Мелбурн.

За листата од 140 градови во светот биле анализирани повеќе фактори, како политичката и социјалната стабилност, стапката на криминал, образованието и здравствената заштита.
Според Роксана Славчева, раководител на истражувањето, во последните 365 дена безбедноста се засилила во неколку градови во Западна Европа, а искачувањето на Виена на листата ја одразува „релативната стабилност во најголемиот дел на Европа“.

Според годишниот извештај на истражувачките служби на „Економист“, меѓу првите десет градови најпогодни за живот, покрај Виена и Мелбурн, се и Осака, Калгари, Сиднеј, Ванкувер, Токио, Торонто, Копенхаген и Аделаида.

Според „Економист“ најнепогоден град за живот е од војна разорениот Дамаск во Сирија. Меѓу десетте најлоши градови за живот се и Дака, Лагос, Карачи, Порт Моресбај, Хараре, Триполи, Дуала, Алжир и Дакар.

Тагови

Поврзани вести