Свет
Брод полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка, се заканува еколошка катастрофа
Tанкер полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка, додека светот стравува дека несреќата може да се претвори во еколошка катастрофа, пренесува Би-би-си.
Морнарицата на Шри Ланка и Индија во изминатите денови заедно работеа на гаснење на пожарот, а сега на спречување да се скрши и потоне бродот, но операцијата ја отежнуваат немирното море и монсунските ветрови.
Портпаролот на морнарицата на Шри Ланка, Индика Силва за Би-би-си изјави дека „спасувачите се обидуваат да го повлечат бродот кон длабокото море пред да потоне за да се минимизира загадувањето на морето”.
Екологот Ајанта Перера предупреди дека можноста за потонување е најлошото сценарио за животната средина.
„Со целиот опасен товар, азотната киселина и други соединенија, како и горивото на бродот, тонењето ќе доведе до уништување на целото морско дно”, додаде таа.
Крајбрежната област во близина на градот Негомбо е веќе загадена со нафта и други загадувачи. Министерството за риболов на Шри Ланка објави дека стапиле во сила вонредни мерки за да се заштити лагуната Негомба и околните области.