Вести

Борба за спас на Јадранот, хрватските градови ја исфрлаат пластиката за еднократна употреба

Градовите Дубровник и Трогир, Стари Град на Хвар и Сали на Дуги Оток први во Хрватска ќе го намалат пластичниот отпад и ќе користат алтернативни решенија учествувајќи во проектите кои ги спроведува сплитското Здружение за природа, средина и одржлив развој Сунце, со цел намалување и отстранување на пластичниот отпад. Акцијата се однесува на еднократните пластични производи и тоа пластични стапчиња за уши, прибор за јадење, чинии, сламки, стапчиња за мешање пијалаци и држачи за балони…

„Пластик смарт ситис Кроејша“ и „Фор пластик фри Кроејша ајлендс“ се проектите кои имаат за цел намалување на пластичниот отпад и користење алтернативни решенија. Во нив се спроведува анализа за употребата на еднократната пластика и управувањето со отпадната пластика и вклучените локални заедници, развојот и спроведувањето на „Планот без пластика“ со партиципативен пристап и работилници, како и организација на „пластик фри“ јавни настани, односно случувања без пластика и јавни форуми за кревање на свеста на локалното население за последиците на пластичното загадување.

Една од важните активности е спроведување на национална кампања за кревање на свеста за влијанието на загадувањето со пластика на морската животна средина и достапните одржливи решенија во островските заедници на Хвар и Дуги Оток.

Европската организација Си сет риск (Загрозени мориња), која обединува низа здруженија кои се бават со проблематиката на заштита на морската средина, во својот извештај објавен минатото лето оцени дека директивата на ЕУ е амбициозен план за исфрлање на десет пластични предмети кои не се за повторна употреба, а кои најчесто можат да се најдат на плажите низ Европа, но дека нејзината имплементација во националните законодавства во повеќето европски земји е сопрена.

Покрај тоа, кризата предизвикана од вирусот ковид-19 доведе до драматичен пораст на употребата, но и отфрлање на еднократните пластични предмети во природата.

„Средоземното Море е едно од најзагадените светски мориња, а половина од тие енормни количества отпад доаѓа од копното. Со 400 кило-тони отпад кое годишно се произведува, Хрватска е на третото место во регионот, затоа е многу важно да се преземат итни мерки и да се освестат граѓаните, но и бројните посетители за потребата од брзо дејствување, односно намалување на употребата на еднократната пластика. Имено, како еден од клучните актери идентификуван е токму туризмот, па дел од кампањата во рамки на проектот „Пластик смарт ситис“ е насочен на странските и домашните туристи“, истакнува здружението Сунце Сплит.

Директивата на ЕУ за пластичниот отпад по преговорите на Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ беше усвоена во 2019, а во оваа година сите држави на ЕУ мораат конечно да ја имплементираат. Законот за отпад во Хрватска би требало да биде усвоен најдоцна до 3 јули. Тогаш Хрватска би требало да ги исфрли еднократните пластичните производи стапчиња за уши, прибор за јадење, чинии, сламки, стапчиња за мешање пијалаци и држачи за балони.

Директивата вклучува и одредби за одлагање на отпушоците од цигари кои се значителен загадувач, цели за собирање на пластичните шишиња, како и барање за редизајн на тапите за пијалаци за да се поврзат со шишињата. Во директивата се вклучени на националните цели за намалување на потрошувачката на пластични чашки и садови за храна, и конечна целосна забрана за разградливата пластика, која често се нарекува биоразградлива, но во реалноста се фрагментира во микропластика.

Еднократните пластични производи и риболовниот алат заедно сочинуваат 70 отсто од морскиот отпад во Европа, па се очекува со примената на директивата со годините и морињата на Европа да бидат значително почисти.

Тагови

Поврзани вести