Македонија
Стручна публикација за Студенчишко Блато која ја опишува моменталната ситуација
Блатните пространства се меѓу најпродуктивните и највредните екосистеми во светот и се составен дел на многу екосистеми. Деновиве, од страна на IUCN беше објавена публикацијата „Wetlands and people at risk“ (Блатните екосистеми и луѓето во ризик) која се обидува да ја подигне свеста за релевантноста на блатните системи и нивните моментални влијанија и закани по егзистенција во различни региони во светот. Таа има за цел да го опише статусот, предизвиците и загубата на блатата поврзани со конфликтите помеѓу антропските активности и природните екосистемски услуги кои се фундаментални за егзистенцијата на луѓето. Содржи 14 студии на случаи од различни региони во светот и типологии на блатни екосистеми, вклучувајќи копнени, речни, утоки, морски крајбрежни мочуришта, но исто така и островски мочуришта.
Во оваа долгоочекувана стручна публикација е вклучена и студијата посветена на Студенчишко Блато, чии автори се членови на иницијативата Охрид ЅОЅ, заедно со професорот Јос Верховен, долгогодишен претседател на Society of Wetland Scientists. Уште едно признание од страна на меѓународната организација за зачувување на природата кон активностите и континуираната посветеност за вистинска заштита на природното наследство на Охридскиот Регион кои ги прави иницијативата Охрид ЅОЅ.
Трудот ја опишува моменталната состојба на биодиверзитетот и еколошките карактеристики на Студенчишко Блато во поширок контекст на системот на сливот Охрид-Преспа.
Исто така, ги опишува екосистемските услуги на блатото и непосредните закани за еколошките карактеристики што ги носат неодамнешните урбанистички планови. Конечно, предлага можности за понатамошно развивање на областа, оставајќи го блатото недопрено, и дури и подобрување на неговите вредности со обновување на соседните области кои биле деградирани. Накратко, потребни се тековно неколку мерки за да се спречи натамошно влошување на блатото: воспоставување мораториум на сите развојни планови во областа Студенчишта, поставување ограничувања за урбанизација, обезбедување соодветно отстранување на отпадот, отстранување на постојниот расадник, повторно воспоставување или барем подобрување на природните врски на блатото со езерото и повторното навлажнување на делови кои беа исушени. Во моментов недостасува план за управување и треба да се подготви за да се обезбеди зачувување на интегритетот на блатото.
Оние кои се заинтересирани можат да ја погледнат (или преземат) публикацијата. Трудот на нашите членови почнува од страница 37. Колку повеќе се информираме за она што нè опкружува, за неговото исклучително значење, посебност, толку повеќе ќе ни значи и вистински ќе го цениме и заштитуваме, пренесува Охрид СОС.