Живот
Биотехнолошки старт-ап сака да создаде мамут и тасманиски тигар до 2028 година
Биотехнолошки старт-ап кој работи на враќање на изумрените животни собра 200 милиони долари по проценка од 10,2 милијарди долари, што е повеќе од шест пати повеќе од вреднувањето пред само две години.
Според Bloomberg, Colossal Biosciences Inc. користи ДНК и геномика за да се обиде да ги оживее птицата додо, тасманискиот тигар и волнениот мамут. Ко-основачот и извршен директор Бен Лам рече дека компанијата е на пат да „произведе“ бебе од волнен мамут до крајот на 2028 година, кое ќе го роди сурогат мајка слон.
Colossal Biosciences со седиште во Далас соопшти дека новата рунда на финансирање од еден инвеститор, TWG Global, го донела нивниот вкупен капитал на 435 милиони долари (422 милиони евра).
„Нема да направиме ништо додека не ги усовршиме геномите“, рече Лам во интервјуто, додавајќи дека компанијата моментално е во фаза на уредување на клетките, што значи дека ги идентификувале целните гени на кои треба да работат. Колосал, според Блумберг, се обидува да создаде младенче со уредување на гени на мамут, добиени од антички примероци пронајдени во замрзнатата тундра, во примероци на азиски слон.
Надвор од очигледната привлечност на овој научен потфат сличен на Паркот Јура, напорите на компанијата да ги врати изумрените видови се насочени кон проширување на биолошката разновидност, враќање на рамнотежата во екосистемите и благосостојбата на другите животни.
Сепак, многу научници се скептични за овие напори, доведувајќи ја во прашање нивната валидност и способност повторно да се воведат животните во денешните услови – особено со оглед на промената на климата, намалувањето на живеалиштата и зголемениот број на инвазивни видови. Волнениот мамут во голема мера исчезнал пред 10.000 години, иако некои популации преживеале до пред 4.000 години.
Поради употребата на азиски клетки од слон, палеонтологот Карл Флеса од Универзитетот во Аризона се прашува дали резултатот навистина ќе биде волнениот мамут. Тој, исто така, изразува загриженост за ослободување на такво животно во природното живеалиште на волнениот мамут што се намалува, а тоа е арктичката тундра.
„Подобро е да се спречи изумирањето отколку да се вратат био-репликите чие „повторно воведување“ може да има голем број несакани последици“, рече Флеса.
Colossal тврди дека животното ќе биде внимателно надгледувано и ќе живее во пространа, биобезбедна резерва. Компанијата, исто така, го посочува успехот на повторното воведување на волците во Националниот парк Јелоустоун како позитивен пример.
Додека работеше на проектот за волнени мамути, Colossal разви технологии кои помагаат да се спасат загрозените видови слонови, како што е вакцината против ендотелијален херпес на слон, болест која ги убива младите азиски слонови. Работата на птицата додо доведе до птичји генетски алатки кои би можеле да имаат корист од загрозените видови птици.
Поддржувачите на компанијата, вклучително и инвестицискиот фонд на ЦИА, In-Q-Tel и познати личности како Парис Хилтон, велат дека се возбудени не само од напредокот во враќањето на изумрените животни, туку и од развојот на сродните области кои би можеле да донесат дополнителни приходи.