Македонија
Без целосна контрола на Градот над „Дрисла“ нема селектирање
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во интервју за МИА објаснува дека во формална смисла, летово Градот ги донесе соодветните одлуки од страна на Советот и се очекува дека во фазата на запишување во централниот регистар конечно „Дрисла“ ќе се врати како јавно претпријатие, со што Градот таму ќе може да воспостави целосна контрола
Сè што како комунален отпад влегува во депонијата „Дрисла“ се депонира без да биде извршена селекција од другата страна на Градот, открива скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за МИА.
–Со фактичкото преземање на „Дрисла“, Градот ќе може и сепаратерката да ја финансира самостојно, со цел од една страна да се извлече материјална корист за градот, од самиот процес на менаџирање со комуналниот отпад, од друга страна да се зголеми капацитетот на времетраење на депонијата „Дрисла“, затоа што сега како што се одвиваат работите, сè што како комунален отпад влегува во „Дрисла“ се депонира без да биде извршена селекцијата од друга страна Градот-истакна Шилегов.
Тој смета дека дури кога Градот ќе воспостави целосна контрола контрола над депонијата „Дрисла“, која ја нема веќе 8,5 години , тоа во правна и фактичка смисла ќе значи отворање на можности за селектирање на отпадот.
Според него новиот концепт за третман на отпадот во Скопје, целиот тој систем е поврзан со „Дрисла “и на крајот би требало да заврши со создавање на можност граѓаните да го рециклираат отпадот.
-Ние сега ги поставуваме новите контејнери, се купуваат и контејнери за селекција на отпадот. Тоа би требало на крајот да заврши со давање можност дури и на граѓаните што живеат во индивидуални објекти неколку различни канти за различен вид отпад, но сето тоа е поврзано со „Дрисла“ – потенцира Шилегов.
Тој објаснува дека во формална смисла, летово Градот ги донесе соодветните одлуки од страна на Советот и се очекува дека во фазата на запишување во централниот регистар конечно „Дрисла“ ќе се врати како јавно претпријатие, со што Градот таму ќе може да воспостави целосна контрола.
– За жал, овој град изминативе 30 години бил препуштен сам на себе, без соодветни стратегии, визии, планови кои што да речам сега кога јас дојдов би можел да ги надградам. Горд сум што можам да истакнам дека две години од сега кој и да седи на ова место ќе наследи или ќе презеде современи системи за третман – вели Шилегов.
Со комуналната полиција може да се одговори на потребите на градот
Шилегов смета дека е природно луѓето да очекуваат од градоначалникот на Скопје дека треба да ги презеде активностите околу одлагањето, подигањето и управувањето со комуналниот отпад.
-Сега за многу сегменти има одговорност од Министерство за животна средина, Министерството за труд и социјална политика, МВР, Пазарна инспекција, Трудова инспекција и едноставно треба можеби некогаш и за основни работи кои се прилично едноставни за решавање, да се направи сериозна координација меѓу повеќе институции на локално и централно ниво, што ја отежнува реакцијата на институцијата-вели Шилегов.
Тој додава дека за таа цел Градот побара и понуди концепт на Комунална полиција што ќе земе дел од нивните ингеренции побарал процесот на децентрализација да се забрза- истакна Шилегов.
Тој информира дека формирана е работна група меѓу ЗЕЛС и Владата, дека некои од законските текстови се готови и дека Град Скопје го изготвил текстот за Комуналната полиција, со цел и тука да се постави соодветна стратегија и да се одговори на потребите на еден голем град.
МИА