Македонија
Бајковит поглед од манастирот Свети Никола Шишевски близу Матка
Македонија изобилува со безброј природни убавини. Планинарите, авантуристите, и љубителите на природа можат да уживаат во погледот од врвот и да вдишат чист воздух при нивните истражувања.
Екипата на Еко Баланс викендов беше во посета на Матка и слободно може да се пофали со едно прекрасно искуство кое ви го препорачува и вам.
Едно од многуте места кои треба да се посетат во Македонија е манастирот Свети Никола Шишевски, кој сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска.
Теренот не е достапен за моторни возила и планински велосипеди. Единствено до Шишевски манастир се стига пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица вo Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево (1 час); како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути).
Веднаш до црквата се наоѓаат две вежбалишта – каминчиња од дваесетина метри височина кои обично се користат за запознавање на новите членови со алпинизмот, почнувајќи од најмала возраст.
Од спротива на манастирот долу крај езерото се пружа прекрасна глетка на позната црква Манастир Свети Андреја.
Есента со своите живописни бои го збогатува прекрасниот предел и оддава идилична слика пред своите посетители, па доколку не сте го посетиле Шишевски манастир, сега е вистинско време за тоа.