Македонија

АХВ: Подобрена безбедноста на храната во домовите за стари лица

Инспекторите на Агенција за храна и ветеринарство на почетокот на месецов спровеле 39 вонредни контроли во домови за стари лица низ земјава. Утврдено е дека само еден дом не бил регистриран како оператор со храна, по што му е изречена привремена забрана за работа, глоба и налог за регистрација.

Дополнително, кај еден оператор биле констатирани сериозни хигиенски пропусти, а четири установи немале спроведено задолжителни здравствени прегледи за вработените.

Инспекциите откриле и други неправилности, како неуредна документација, недостиг на сертификати за обуки по хигиена, како и доцнење во спроведување на мерки за дезинфекција. Поради тоа, издадени се три решенија за отстранување на пропустите и две опомени.

За потешки прекршоци, четири оператори се казнети со вкупно 1.550 евра, а од еден објект биле уништени 6 килограми небезбедна храна.

За споредба, при контролите во ноември 2024 година биле утврдени значително повеќе неправилности, кога 14 домови не биле регистрирани, а биле уништени 40 килограми небезбедна храна.

Тагови

Поврзани вести