Забава
Африканска Венеција: Стои на сред езеро, а изграден бил за да спаси еден народ
Ганви е голема населба изградена на езерото Нокоуе, кое се наоѓа на еден час пат северно од градот Котоноу, најголем град на Република Бенин.
Во селото веќе со генерации живеат припадници на етничката група Тофину во едноставни куќи од бамбус кренати на езерото, а повеќето од нив се потпираат на само неколку забодени столбови во дното на езерото.
Поради ваквиот начин на живот, жителите на Ганви, кои ги има околу 20.000, ги нарекуваат Водениот народ на Бенин, а нивното село Африканската Венеција на столбови. Селото е многу популарно меѓу туристите.
Се верува дека селото прв пат било населено во 16. или 17. век, а неговите жители го изградиле на сред езеро за да побегнат од моќното западноафриканско племе Фон. Во тоа време, припадниците на Фон продавале робови од други племиња.
Тофину наскоро сфатиле дека припадниците на племето Фон од религиски причини не смеат да влезат во вода, ниту да напаѓаат луѓе кои живеат на неа, па така одлучиле темелите на својата нова населба да ги кренат на средина на езерото.
Сите куќи, продавници и ресторани во селото се изградени на дрвени столбови, обично неколку метри над вода. Ганви исто така има пазар кој плови, но на едно комплетно парче земја е изградено училиште. Во селото повеќето жители се занимаваат со рибарство и туризам.
Некои селани одгледуваат и неколку припитомени копнени животни, кои живеат на мали парцели со трева кои извираат од вода.