Култура
Археолози во Турција го открија најголемиот подземен град во светот
Четириесет и деветте соби откриени во подземниот град Матиате сочинуваат само 3% од неговата проценета вкупна површина.
Турскиот град Мидјат има толку богата историја што целиот може да се смета за музеј на отворено. А, освен на отворено, археолозите сега открија уште еден слој на историјата, скриен под темелите на овој древен град. Се чини дека под Мидјат се крие најголемиот подземен град во светот.
До ова откритие во Мидјат конзерваторите дошле случајно, додека ги чистеле другите историски градски улици. Прво наишле на скриен влез во пештера, а потоа на необичен премин кој ги одвел до сложен систем на улици и соби што ги зачудило.
Областа, која вклучува десетина тунели и 49 соби, колку што досега се откриени, се нарекува Матиате, што значи „пештерски град“. За време на ископувањата, археолозите пронашле артефакти кои датираат од II и III век од новата ера, складишни силоси, жртвеници за богослужба и бунари.
Она што е најфасцинантно е што историчарите веруваат дека откриле само 3% од вкупната површина на градот.
„Додека куќите на врвот се датирани од XVII, XVIII и XIX век, под нив се крие сосема поинаков град“, вели Гани Таркан, директор на музејот Мардин. „Тој град е стар 1.900 години.
Градот Мидјат се наоѓа на југоисточниот дел на Турција. Бил населен за време на Асирското Царство, околу 900 година п.н.е., а со него владееле Арамејци, Персијци, Хелени, Римјани, Византијци и Османлии.
Таркан вели дека новооткриениот варовнички град под овој древен град веројатно бил недопрен во последните 1.900 години. Смета дека на тој простран простор порано живееле 70.000 луѓе.
„Првично бил изграден како скривалиште или место за бегство. Како што е познато, христијанството не било официјална религија во II век. Семејствата и групите кои го прифатиле христијанството главно се засолнувале во подземните градови за да избегнат прогон од Римјаните“, објаснува Таркан.
Лозана Бајар, археолог од Канцеларијата за заштита и надзор при Оштина Мардин, го повтори објаснувањето на Таркан, додавајќи: „Таквите подземни градови обезбедувале безбедност за луѓето. Резервоарите, бунарите и канализациониот систем ни кажуваат дека луѓето поминувале време овде. Во овој подземен град се молеле“.
Таркан вели дека големината на градот под Мидјат се заканува да го собори од тронот подземниот град Деринкују во Кападокија, во кој можеле да живеат до 20.000 луѓе. Најмалку 40 други подземни градови се откриени низ Турција, но ако проценката на Таркан дека тој и неговите истражувачи откриле само дел од Матиате се покаже како точна – ниту еден по големина нема да може да се спореди со него.