Македонија
Ана Чоловиќ-Лешоска добитник на престижна награда за животна средина
Наградата за животна средна „Goldman“ годинава ја доби Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање Еко-свест, како признание за седумгодишната кампања за стопирање на меѓународното финансирање за Бошков мост и Луково поле, две големи хидроцентрали планирани во националниот парк Маврово, со што го заштити живеалиштето на Балканскиот рис. Останати добитници се активистите од Чиле, Либерија, Монголија, Куковите Острови и САД.
Наградата се доделува секоја година на заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот, а годинава бележи 30 години од свое постоење. Со „Goldman“ им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на грасрут активисти за животна средина од целиот свет, со цел да ги инспирираат граѓаните да преземат нешто за да ја заштитат планетата.
Ана Чоловиќ-Лешоска е извршна директорка во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, по професија е биолог и повеќе од 20 години од својот живот активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина.
Таа беше мотивирана да ја штити животната средина и да ги вклучи нејзините сограѓани во тој процес. Еко-Свест е основана во 2002 година и работи за да ги заштити националните паркови и културното наследство од големите инфраструктурни проекти, да го охрабри учеството на граѓаните во стратегијата за енергетика и да промовира одржлив транспорт, управување со отпад и обновливи извори на енергија. Чоловиќ-Лешоска е исто така поврзана со „Bankwatch“, што ги истражуваат инвестициите на јавните финансиски институции во развојни проекти.