Македонија
Анализите на екологистите покажаа: Железо и никел во почвата во Возарци
Високи концентрации на никел и железо има во почвата кај кавадаречкото село Возарци. Особено повисоки вредности од овие метали се забележуваат кај зеленчуковите производи – информираа екологистите на денешната едукација на фармери на која се презентираа и резултатите од направената анализа на почвата во Кавадарци.
Испитувања се направени на две локации, во градот Кавадарци и во близина на фабриката загадувач од тешката индустрија, во атарот на селото Возарци. Споредбено, има разлика . Загаденоста се покажа кај границата на селата Возарци и Шивец, додека во градот нема такви концентрации.
Едукацијата е дел од проектот “Да ја заштитиме почвата од загадување”, спроведуван од ЕД „Вила Зора“-Велес и поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Партнерска организација од Кавадарци е еколошкото друштво “Еко-живот”.
„Процесот на деконтаминација на почвата го започнавме пред повеќе од десетина години. Сега сакаме да ги вклучиме и другите општини кои претставуваат еколошки жешки точки. Секој со својата приказна, секој си има свој загадувач и проблем. Сакаме последиците од загадувањето на тешката индустрија со тешки метали, да ги отстраниме и да ја прочистиме почвата. Во Велес проблемот е со кадмиумот и оловото, на некои места над 24 пати над максимално дозволеното. Во околината на Кавадарци, во регионот на тешката индустрија, пробите од почвата покажуваат дека има загадување на железо и никел. На некои растенија покажа зголемено количество на железо. На некои не покажа, тоа покажува дека некои растенија се апсорбери , некои не ги апсорбираат тие тешки метали. Еден ипол пат над дозволеното е загадувањето со железо, со никел е во границите на дозволеното, користејќи го атласот на професорот Стафилов. Претходно, на почвата околу фабриката загадувач, природно е присутен никелот. Тоа е почва која може да го прими тој тежок метал. Но ситуацијата со железото е загрижувачки над дозволеното“ информира Кире Кочов, координатор на проектот и претставник на друштвото од Велес.
Почвените проби се земени на 4 октомври минатата година во близина на селото Возраци на длабочина од 20 и 40 цм, а проби се земени и од пченка, грозје и зелка. Испитувањата биле направени во референтна лабораторија во Велес.
Со ова испитување, еколошкото друштво “Вила Зора”-Велес се стреми кон утврдување на тешки метали во почвата во Велес, Скопје, Тетово и Кавадарци, но и препорачува како да се исчисти почвата од истите, односно како да се деконтаминира со помош на растенија(хиперакумулатори), кои имаат способност да ги aпсорбираат тешките метали од почвата.