Свет

Авион се урна на автопат во Италија, има загинати

Две лица загинаа, а најмалку две други се повредени кога мал авион се урна на автопат во Италија, во областа Бреша.

Трагедијата се случи во вторник околу пладне, а очевидци велат дека сцената била ужасна. Според граѓаните, леталото одеднаш се завртело во воздух, по што следел ужасен удар на земјата.

Спасувачките екипи ги пронашле јагленисаните тела на пилотот и патниците во остатоците.
Според првите информации, станува збор за лесен авион, долг околу 7 метри, кој полетал од Грањано Требиенсе во северна насока.

Авионот се урна помеѓу градовите Флеро и Азано Меха, при приклучување кон автопатот А4.

По несреќата, авионот се запалил, а деловите летале десетици метри наоколу, паѓајќи врз возилата што минувале на тој дел од автопатот.

Најмалку две лица, кои биле во автомобилот, се повредени минувајќи низ огнената стихија што се појавила по ударот, бидејќи не успеале да застанат. Локалните медиуми јавуваат дека повредените мажи се на возраст од 49 и 56 години.

Во трагедијата загинаа еден постар маж и една жена. Во тек е истрага за да се утврдат сите околности на несреќата.

Тагови

Поврзани вести