Македонија
41 ДИНОСАУРУС НАРЕДНАТА НЕДЕЛА СТИГНУВА ВО ДИНО ПАРКОТ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА
Наредната недела од Кина треба да стасаат диносаурусите за Дино паркот во скопската Зоолошка градина. Ќе стигнат 41 диносаурус во природна големина и како што најавуваат од Зоолошката посетителите ќе можат да ги видат кон средината на септември.
„Околу 20 дена ќе трае монтажата на диносаурусите, по што Дино паркот ќе биде отворен за посетители. Ќе имаме Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус, големи и мали диносауруси, мајки со бебиња, јајца. Диносаурусите ќе имаат синхронизирани движења, дишење, трепкање и ќе испуштаат звуци, со што ќе ги доловиме на посетителите овие праисториски животни. Ова ќе биде прв Дино парк на Балканот каде ќе има толкав број на диносауруси, како и едукативна содржина за секој од нив. Токму поради тоа очекуваме да биде туристичка атракција и да ја збогати туристичката понуда на Скопје“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.
Од Зоолошката велат дека при крај е уредувањето на просторот за Дино паркот во склоп на градината кој зафаќа површина од 2.000 метри квадратни.
За уредување на просторот и набавка на диносаурусите од буџетот на Град Скопје обезбедени околу 325.000 евра.