Македонија
Јовановски: Координација и повеќе пари за помалку последици од природни непогоди
Со подобро институционално поврзување, регулатива и плански програми, како и повеќе финансии, ќе се намалат последиците од природните непогоди, вели во интервју за МИА Милорад Јовановски, претседател на Друштвото за геотехника на Македонија и професор на Градежниот факултет во Скопје.
Јовановски говори за геотехничките предизвици за кои се дебатираше на 16. Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство во Скопје, на која во организација на Друштвото за геотехника на Македонија учествуваа 250 научници-геотехничари и инженери.
Како што дополнува, фокусот на фелата во последно време е на климатските промени врз изведените косини. Се случува, укажува, заради климатските промени, особено краткотрајни интензивни врнежи како што имавме изминатиот период, дел од косините кои со години биле стабилни, да пројават одредена нестабилност.
Во однос на капацитетот на државава за одговор на клучните предизвици и справувањето со ризици од природни непогоди наведува дека е потребна поголема интеграција на институциите со подобри плански програми и повеќе средства.
– Сега такви овластувања има Министерството за транспорт, дел се во Министерството за животна средина, поврзано со влијание на водите. Можеби треба покроодинирано да се поврземе, да се донесат сите директиви и постепено во годишните владини програми да се издвојуваат повеќе средства за систематско решавање на овие аспекти. Што подобри плански програми направиме, толку помали ќе ни бидат последиците во иднина, иако нормално не може секогаш да се каже еве оваа година ќе има земјотреси, поплави, но добро е да има плански издвоени средства за навремени санации при такви појави. Секаде во светот и кај нас тоа е неизбежно, ќе ги има тие работи, но колку повеќе се подготвиме со регулативата која ни недостига во одредени делови и со институционално поврзување, ќе биде подобар одговорот, укажува Јовановски.
Според него, што подобра комуникација меѓу сите што се вклучени во процесот на изградба на капиталните објекти ќе резултира со поголем ефект во нивната реализација и помалку отстапки. При носењето одлуки за капитални објекти, како што вели, до одредено ниво се користат препораките на фелата, зависно од институцијата.
– Тука може да се истакнат АД ЕЛЕМ, ЈП за државни патишта, па и Македонски железници во последно време прифатија дека треба се да биде по најсовремени стандарди, иако на почеток можеби ќе чини повеќе. Можеби во минатото сакајќи нешто на почеток да заштедиме заради кратки рокови до крај немаше се да се испочитува, но се комуницира на ниво на стручна фела и инвеститори, на крај државата пресекува што кога ќе се одвива временски, вели Јовановски.
Според него, примерите од минатото при изградбата на капиталните објекти треба да бидат поука. Треба да се комуницира што повеќе при носењето одлуки, како што вели, на ниво на политика, јавни претпријатија, научна фела, да се функционура како складен тим, за да се елиминираат што повеќе проблеми во самата фаза на градба и во одржувањето. И во тој идеален случај, посочува, пак нешто ќе се случи, но секако дека ќе биде во помал обем.
Јовановски во интервјуто ги објаснува причините за отстапките при градежните проекти, третирањето на свлечиштата, развојот на геотехничкото инженерство во Македонија, како и на интересот за студирање на Градежниот факултет, каде како што укажува има особено голем интерес за насоките градежништво и геодезија, што е особено значајно со оглед на одливот на кадарот во минатите години.