Свет
Торнадо ја погоди Ибица: Ветровите од 140 км/ч носеа сѐ пред себе…
Најмалку три лица се повредени на популарното шпанско летувалиште Ибица откако торнадо го опустоши островот.
Силната бура ја погоди познатата туристичка дестинација во Шпанија, донесе обилни дождови и разорни ветрови кои што според шпанската метеоролошка служба, достигнале брзина од 140 километри на час.
Најмалку 200 стебла биле откорнати, а ветрот носел сѐ пред себе, од чадори за сонце, до делови од куќи, крајбрежни објекти и слично. Исто така, биле забележани бранови од 4 метри кои што предизвикале помала материјална штета.
Сведоците за шпанските медиуми раскажуваат дека бурата се подготвувала околу еден час, по што неверојатно се стемнило и започнале силните дождови и налети на ветер.
„Најсилниот удар траеше околу 4 минути. Тогаш сфатив дека станува збор за торнадо, а исто така и забележав дека многу дрвја се откорнати“, изјави туристката Софи Кели за локалните медиуми.
Локалните служби започнаа со чистење на улиците, но многу туристи сепак одлучиле да ги напуштат хотелите и да си заминат дома.