Македонија
Со какви апарати се мери загадувањето на воздухот и што велат нивните анализи?

Професор д-р Дејан Мираковски е проректор на Универзтитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Лабораторијата за животна и работна средина „Амбиком“ која работи во рамките на Универзитетот.
Лабораторијата во разни форми функционира повеќе од една деценија, прво во рамките на Рударско-геолошкиот факултет, сега на Факултетот за природни и технички науки при УГД-Штип. Во сегашниот формат со кратенката АМБИКОН (контрола на амбиент) е формирана во 2014 година, а процесот на акредитација како лабораторија за тестирање согласно ISO 17025 е комплетиран во средината на 2015 година.
Во разговор за „Екобаланс“ професор Мираковски објаснува што се работи во лабораторијата, со какви апарати се мери загадувањето на воздухот и што велат нивните анализи – каков воздух дишат граѓаните на Македонија. Досега собраните податоци на Амбиком го потврдуваат веќе познатиот факт дека високо
загадување со цврсти честички се јавува во сите урбани средини и тоа исклучиво во текот на грејната сезона во период на стабилни атмосферски услови, кога нема ветар и врнежи.
Има ли град во Македонија кој не е загаден?
Сите анализи досега, како на хемискиот состав така и на дневните и сезонски варијации на загадувачките компоненти, јасно укажуваат на фактот дека епизодите на високо загадување се јавуваат речиси исклучиво во зимските месеци, во текот на грејната сезона, при што компонентите кои се производ на согорувањето на дрва за огрев доминираат во составот, вели Мираковски за „Екобаланс“. Професорот Мираковски смета дека треба да се подобри мрежата за мониторинг и за секоја поголема урбана средина да се обезбеди барем една референтна станица надополнета со индикативни станици според потребите и со заеднички напори на сите, посебно на граѓаните мониторинг-системите во следниот период ќе овозможат да се подобрат состојбите.