Живот

Поради глобалното затоплување загрозени стотици видови риби

Затоплувањето на океаните и реките и зголемувањето на температурата на водата до крајот на векот би можело да претставува голема закана за рибните видови од кои зависи човештвото.

Тој загрижувачки заклучок е објавен во еден труд во списанието Science, пренесува CNN.

Меѓу загрозените видови се некои од најкомерцијалните, како што се атлантскиот бакалар или лососот, како и риби кои се омилени во спортскиот риболов, како сабјарката, баракудата или речната пастрмка.

Ако климатската криза продолжи со оваа стапка, околу 60 проценти од рибните видови опфатени со истражувањето би можеле да имаат потешкотии да се репродуцираат во нивните сегашни живеалишта до 2100 година, велат научниците.

Доколку владите се посветат на одржување на глобалното затоплување до 1,5 Целзиусови степени, бројот на загрозени видови би бил многу помал, откриле научниците – само десет проценти.

„Повеќе од половина од видовите кои се потенцијално изложени на ризик се неверојатно важни, така што навистина ја потенцираме важноста за преземање акција и исполнување на политичките обврски за намалување на климатските промени и заштита на морските живеалишта“, вели д-р. Флеминг Далке , морски биолог од германскиот институт Алфред Вегенер и еден од авторите на студијата.

Студијата е спроведена од тим на научници од Германија, кои анализирале толеранција на температурата за скоро 700 видови кои живеат во морињата и реките во климатските зони низ целиот свет.

Претходните студии за подложност на рибите на температурни промени се концентрирале на возрасните рибни единки.

Научниците сега испитувале како зголемувањето на температурите влијае на најчувствителните периоди од животот на рибата – оние кои се клучни за репродукцијата и опстанокот на видовите.

Речиси во сите случаи, рибините ембриони и риби кои се подготвуваат да произведуваат јајца и сперма се повеќе чувствителни на температурните промени од возрасните риби.

„Постои разлика во толеранцијата кон температурните промени од скоро 20 Целзиусови степени меѓу рибните ембриони и возрасните риби“, вели Далке.

Со оглед на стапката со која се затоплува планетата, многу риби нема да можат да се прилагодат на промените на температурата, предупредуваат научниците.

Денес, околу три милијарди луѓе зависат од рибите како основен извор на храна.

Тагови

Поврзани вести