Во 2018-та видовме навистина неверојатни уметнички дела, но без сомнение врската помеѓу луѓето и природата беше доминантна тема. Сите дела на листава ги натераа гледачите да се вклучат во уметноста и да ја погледнат од друга перспектива. Многу од инсталациите имаат за цел да ја подигнат свеста за зачувувањето на околината, а голем дел од нив ни ја прикажаа природата во ново светло. Истражете ги спектакуларните инсталации од оваа година коишто се издвоија од останатите.
1. „Coralarium“ од Џејсон ДеКаирес Тејлор
Британскиот вајар се залага за околината преку неговите уметнички дела. Одново и одново тој го восхитува светот со неговите разновидни водни инсталации, започнувајќи од бетонски фигури, па сè до подводен музеј. Во 2018-та година тој направи подводна галерија со скулптури наречена „Coralarium“. Оваа огромна коцка е направена од рН неутрален челик кој служи и како вештачки гребен кој ги привлекува морските суштества.
„Тоа е како превртена зоолошка. Во градовите одиме и гледаме затворени животни. Овој пат ние сме како туристи, но ние сме во кафез, а морскиот свет може да дојде и да нè гледа.“
За жал, инсталацијата била уништена од властите во Малдиви во септември. Сметале дека делото е навредливо за Исламот поради прикажувањето на човечки форми.
2. „Confluence (Our Changing Seas V)“ од Кортни Матисон
Артистката Кортни прави керамички дела со цел да ја подигне свесноста за заштитата на сината планета. Како дел од програмата „Уметност во амбасадите“, таа ја направила инсталацијата „Confluence (our Changing Seas V)“ за амбасадата на САД во Индонезија.
Како и другите дела од овој серијал, инсталацијата ја претставува ранливоста на коралниот гребен. Таа ги прикажува ефектите од избелувањето на коралите преку група корали, школки и морски сунѓери кои полека се претвораат во скелети. Кортни се надева дека ќе привлече внимание кон проблемот и дека ќе ги охрабри луѓето да најдат решение.
„Можно е коралните гребени да заздрават дури и од избелувањето, ако се обединиме и ја намалиме заканата што ја претставуваме. Можеби ако повеќе луѓе ги ценат неверојатните гребени во Индонезија, ќе се обидеме да ги зачуваме за идните генерации.“
3. „Skyscraper (the Burges Whale)“ од StudioKCA
Оваа инсталација со висина од 11 метри има за цел да го покаже размерот на проблемот со загадувањето од пластика. Споменикот е направен од 5 тони отпад собран од Тихиот и Атлантскиот Океан. Студиото решило да ја нарече инсталацијата „Облакодер“ поради големината на китот. Со висина од 4 ката, скулптурата ги надминува средновековните градби околу каналот во Бруж и е совршен симбол за големиот проблем.
„Китот кој излегува од водата е првиот облакодер од морето. Како најголем цицач во водата, изгледаше како правилната форма за нашето дело со цел да го покажеме размерот на проблемот.“
4. „Troll Hunt“ од Томас Дамбо
Оваа инсталација ја сочинуваат 6 тролови кои се појавиле во Илиноис во текот на летото. Овие фигури се направени од собрано дрво и ја покажуваат способноста на артистот да направи што било од ѓубре. Скулптурите имаат височина од 4,5 до 18 метри и иако се огромни, Томас умешно ги сокрил во шумата, па дури и направил прирачник со кој можете да ги најдете. Иако се очекувало инсталацијата да ја „преживее“ само 2018-та година, ќе можете да ја посетите и во новата година. Во зависност од времето, скулптурите можат да опстанат дури и до летото во 2019-та година.
5. „GaiaMоtherTree“ од Ернесто Нето
Концептуалниот артист ја истражува конструкцијата на социјалниот простор и природниот свет така што нуди физичка интеракција и сетилно искуство. Неговата инсталација се појавила во Централната станица во Цирих во 2018-та година. Огромното ремек-дело ги кани посетителите да влезат внатре и да избегаат од гужвата на станицата. Штом ќе влезат, тие можат да го набљудуваат делото од друга перспектива и да го почувствуваат другиот интерактивен слој – мирисот.
„Гранките“ на дрвото се прицврстени со вреќи со зачини и можете да почувствувате мирис на куркума, каранфилче, кумин и бибер.
„Целта е да го забавиме нашето време за да имаме време да вдишеме и да го почувствуваме животот во нас. Целта на делото е интимноста.“
6. Инсталација на саемот SCOPE Miami Beach од HOTTEA
Ерик Ригер, познат и како HOTTEA, создава уметност со волна инспирирана од сеќавањата. Поранешниот уметник на графити има цела колекција од живописни инсталации со волна. Во 2018-та година тој направил инсталација која ги пречекувала посетителите на познатиот уметнички саем во Флорида – SCOPE Miami Beach. Ерик имал задача да направи дело кое ќе биде изложено само една недела, па решил да дизајнира нешто впечатливо чија порака ќе трае долго.
„Мојата инсталација за SCOPE Miami 2018 беше инспирирана од идејата дека ги земаме нештата здраво за готово. Штом ќе ги нема, сакаме да сме постапиле поинаку. Сонцето, дождот, ветрот, растенијата, животните, луѓето… сè може да исчезне за секунда и кога ќе се случи тоа нашето сеќавање на нив нè тера да помислиме дека има нешто над постоењето овде на Земјата.“
7. Инсталација на фестивалот Burning Man од HYBYCOZO
Изминативе неколку години, дуото HYBYCOZO поставило неколку неверојатни инсталации на фестивалот Burning Man. Во 2018-та година, тие направиле полиедари исечени со ласер и ги поставило во музејот Уметноста на Burning Man. Без разлика кој е контекстот, дуото се надева дека нивните инсталации ќе ја разбудат љубопитноста на гледачите и ќе ги натераат да се прашуваат за геометријата и значењето на дезенот.
8. „Atelier des Lumieres“ од Culturespaces
Во оваа инсталација се вклучени 3.000 подвижни слики кои се направени со 20 ласерски видео проектори. Инсталацијата ги нагласува делата на уметниците од Виена, вклучувајќи го и познатиот Густав Климт. Овој модерен пристап на изложбите бил прикажан во Париз.
9. „Narcissus Garden“ oд Јајои Кусама
Во 1966-та година, Јајои ја направила првата инсталација од серијалот „Narcissus Garden“. Целта ѝ била да ја нагласи комерцијализацијата на модерната уметност и инсталацијата претставува поле со рефлектирачки сфери. Во 2018-та година, Јајои исполнила напуштена воена база во САД со 1.500 челични рефлектирачки топки. Како и претходните изложби, целта на сферите била да се обрне внимание на опкружувањето и да ги натера гледачите да ја погледнат нивната рефлексија во поголемата слика.
10. „Voyage avec d’autres“ oд ЈR
Во 2018-та година, фотографиите на уличниот уметник JR ги освоија шините во Париз. За овој проект, уметникот поставил големи фотографии од очи на луѓе во 11 метро и железнички станици низ Париз. По неколку недели, тој одлучил постепено да ги менува делата со нови портрети направени од него. Со ротирањето на овие нови фотографии од „луѓе кои минуваат пред претходните очи“, уметникот на креативен начин ја замаглува границата помеѓу предметот и набљудувачот.