ВестиМакедонија
Маските не помагаат, ПМ 10 се задржуваат во горните дишни патишта, а ПМ 2.5 влегуваат во белите дробови
Проф. д-р Бранимир Несторовиќ, педијатар пулмолог-алерголог од Универзитетската детска клиника „Тиршова“ во Белград, објаснува што претставуваат ПМ10 и ПМ2.5 честичките, најопасните состојки на загадениот воздух и какво е нивното влијание врз организмот.
– ПМ е кратенка на англиските зборови „particulate matter“ (честички). Обично тие се мешавина на цврсти честички и масти. ПМ10 се оние крупните, со дијаметар 10 микрометри, додека 2.5 се мали со дијаметар 2.5 микрометри. Ги има со различен состав и облик, во зависност од изворот на аерозагадување, обично се резултат на комплексни хемиски реакции помеу гасовите и цврстите честички (најчесто сулфур диоксид и азотен оксид). Големите честички (ПM10) се задржуваат во горните дишни патишта, додека малите честички доспеваат во длабоките делови на белите дробови. Оттука, големите честички предизвикуваат проблем со очите, носот, грлото, а малите со долните дишни органи органи“, објаснува проф. д-р Несторовиќ за српски „Курир“.
Според него, маските не помагаат бидејќи заштитната вредност на носењето маски е мала, па дури и високософистицираните имаат низок степен на филтрација на честички, а на гасови скоро и да нема.
– Гасовите навлегуваат подлабоко во белите дробови од честичките, па со самото тоа имаат сериозни штетни ефекти – доведуваат до настанување на астма и хронични опструктивни белодробни заболувања. Некои од честичките навлегуваат и подлабоко во организмот, доспеваат до циркулацијата, па се разнесуваат во организмот до виталните органи – срцето и мозокот. Светската здравствена организација проценува дека една третина од смртните случаи од срцеви заболувања и мозочен удар се предизвикани од аерозагадувањето, објаснува Несторовиќ.
Тој дава свое мислење и на прашањето што треба да направи едно лице кога воздухот е загаден со цел да го намали негативниот ефект врз здравјето?
– Основната мерка, да не се излегува во тие денови надвор, очигледно е неизводлива за повеќето луѓе. Можете да се обидете да одите на работа по споредни патишта на кои има помалку возила, или да ги избегнувате патиштата околу топланите или хемиските комплекси. Корисно е во автомобилите кои имаат циркулација на воздухот, да се затвори, така што автомобилот ќе биде херметички затворен од влегување на надворешниот воздух. Повеќето возачи не обрнуваат внимание на ова важно копче во автомобилот. Можете да се обидете и да одите на работа порано, пред сообраќајниот метеж, се дел од препораките на проф. д-р Несторовиќ.