Живот
Малезија остана без последниот суматрански носорог
Малезија остана без последниот примерок на суматрански носорог. 25-годишната женка Иман почина од природна смрт во Резерватот за носорози во Табин.
„Женката ја доби најдобрата нега откако беше донесена во март годинава, неколку пати беше на работ на смртта поради губење крв од тумор во матката, но ветеринарите повеќе не можеа да ѝ помогнат“, соопшти министерката за туризам, култура и животна средина Датук Кристина Лиев.
„Иако знаевме дека тоа ќе се случи, сепак сме тажни“, изјави министерката.
Откако претходно почина мажјакот Там во истото засолниште за носорози, со смртта на Иман Малезија остана без последниот примерок на суматрански носорог. Станува збор за вид кој е критично загрозен, што според Меѓународниот сојуз за зачувување на животот во дивина, значи дека е до чекор на изумирање.
Суматранските носорози сега во дивина живеат единствено во Индонезија. Научниците успеаја да замрзнат јајце клетки од Иман со цел како дел од соработка со Индонезија, ги оплодат со вештачко оплодување.
Се смета дека во светот има помалку од 80 единки на суматрански носорози, но помрачните процени говорат за само 30 единки. Станува збор за вид на носорог кој е самотник.
„Во природата поради тоа живеат далеку еден од друг, мажјаците и женките не доаѓаат често во контакт“, вели Тери Рот, експерт од Зоолошката и ботаничка градина во Синсинати.