Вести
Згради целосно изградени од дрво
Згради целосно изградени од дрво во кои има и мини-фарми и градини се нешто најубаво и најфункционално што во последните десетина години го пласирала современата архитектонска сцена.
„Фармхус“ и понатаму е концепт, но е сè поблиску до реализација. Во овие згради има мали фарми каде што се произведува храна, која би ја консумирале луѓето што живеат во зградите. Тоа воедно е и одговор на сè поголемата потреба за храна, која во иднина ќе се зголемува. Сè е органско и целата зграда е самоодржлива.
Самата зграда произведува доволно топлина која може да се користи и за одгледување на зеленчук и на овошје. Системот за наводнување ги филтрира дождовницата и валканата вода, ја збогатува со хранливи материи и ја испраќа во зелените домови. Фрлената храна може локално да се собира во подрумите на зградата. Потоа таа се претвора во ѓубриво и повторно се користи за одгледување нова храна.
Овие згради се проектирани и смислени во австриското архитектонско биро „Студио Прехт“, водено од брачниот пар Крис и Феи Танг Прехт. Тие објаснуваат дека во следните 50 години ќе се консумира повеќе храна отколку во последните 10.000 години, а 80 отсто од таа храна ќе се изеде во градовите.
– Јасно е дека мораме да најдеме еколошка алтернатива за нашиот моментален прехранбен систем. Алтернатива во која ќе садиме, одгледуваме и тоа ќе го јадеме – истакнаа тие.
Овој пар верува дека архитектурата мора да биде мост меѓу природата, културата и луѓето.
Идејата на овие креативци е во градовите да има што е можно повеќе живи згради.
– Сите гледаме што се случува во Кина, Индија и во другите делови од светот што се густо населени – огромен е прогресот во нивниот раст, но истовремено има толку загадување, скандали… Ние, архитектите, сме дел од проблемот на создавање на загадувањето. Постојат алтернативи, начини да имплементираме нови материјали. Им го враќаме просторот на растенијата да растат на покривите на зградите и на луѓето им даваме можност да прават свои градини дури и на големи висини – вели архитектот.