Македонија

Загадувањето на воздухот во Битола три дена е ПЕТ пати поголемо од дозволеното

Штетните ПМ10-честички во воздухот во изминатите два дена во Битола го надминале прагот од 100 микрограми на кубен метар. Поради тоа, надлежните излегоа со препораки до граѓаните.

Прагот на суспендираните честички со големина од десет микрометри бил надминат во две мерни станици во Битола во текот на изминатите два дена, 16 и 17 јануари. Најзагадено било вчера кога во една мерна станица биле измерени 266 микрограми ПМ10-честички на кубен метар. Според Светската задравстена организација, дозволената граница за ПМ10-честички во текот на 24 часа изнесува 50 микрограми на кубен метар.

Од Општината апелираат граѓаните да се држат до препораките на Министерството за животна средина: да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило во исто време, за затоплување на просториите да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума или кој било друг синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, пак, препорачуваат да се ограничат движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево-садовниот систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата што својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градот, земање витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци, односно суплементи, и хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намалено внесување мрсна и солена храна.

Тагови

Поврзани вести