Живот

Дали тајната на првата светлина е конечно откриена?

Научниците се сè поблиску до одговорот на едно од клучните прашања во астрономијата – како се појавила првата светлина во универзумот. Нови податоци од Хабл и Џејмс Веб укажуваат дека малите, но исклучително активни патулачки галаксии одиграле клучна улога во овој процес.

Истражувањето, објавено во списанието Nature, покажува дека овие галаксии произведувале доволно енергија за да го јонизираат неутралниот водород во раниот универзум, процес познат како космичка рејонизација.

Во најраните фази по Големата експлозија, универзумот бил исполнет со густ гас низ кој светлината не можела слободно да се движи. Подоцна, со формирањето на првите ѕвезди, започнал процесот на „осветлување“ на вселената, при што гасот повторно се јонизирал и станал пропустлив за светлина.

Долго време се сметаше дека главни извори на ова зрачење биле масивни галаксии или црни дупки. Сепак, новите набљудувања покажуваат дека многу поголема улога имале помалите галаксии, кои се бројни и неочекувано енергетски активни.

Меѓународен тим научници анализирал податоци од галактичкото јато Абел 2744, кое функционира како „космичка леќа“ и овозможува набљудување на далечни објекти. Благодарение на овој ефект, откриени се исклучително мали и далечни галаксии од раната фаза на универзумот.

Резултатите покажуваат дека овие патулачки галаксии се значително побројни од големите и заедно произведуваат повеќе енергија отколку што претходно се мислеше. Нивниот заеднички ефект, според научниците, бил доволен за да ја „разбуди“ вселената и да овозможи светлината слободно да се шири.

Иако станува збор за едно од најзначајните откритија досега, научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврди дали овие резултати важат за целиот универзум.

Тагови

Поврзани вести