Македонија

Гоце Делчев: Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание, оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите!

„Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт“ - Гоце Делчев, 1896.

Гоце Делчев е идеолог, организатор, водач на македонското револуционерно националноослободително движење и еден од творците на револуционерните правни акти. Тој е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, а загинал во селото Баница на денешен ден во 1903 година, по долга и измачувачка битка со турската војска.

Историската средба помеѓу Гоце и Даме Груев се случила во почетокот на ноември 1894 година во Штип, каде што Даме тогаш учителствувал. Тоа била прва средба на Даме со Гоце Делчев. Меѓутоа, името на Гоце не му било непознато. За него, Даме првпат слушнал есента 1893 година во Солун, при сондажата за формирање на Македонската револуционерна организација, најверојатно Иван Хаџи Николов го информирал за високото мислење што Коста Шахов го имал за Гоце. Следниот ден Гоце положил заклетва пред првенецот на Организацијата, со што станал полноправен член на Македонската револуционерна организација. Од првата средба на срцето и волјата на револуционерна Македонија, на прагот на Гоцевата револуционерна дејност, па сè до нивната последна, која се одиграла во драматични околности, во предвечерието на Гоцевото загинување, меѓу двајцата апостоли владееле ретка блискост и длабоко меѓусебно почитување.

Во февруари 1896 година претседателот на ВМК генералот Данаил Николаев имал средба со Гоце Делчев во Софија. На оваа средба станало збор за заемните односи, при што генералот Николаев истакнал дека ако МРО (Македонската револуционерна организација) сака да добие поткрепа и помош од македонската емиграција во Бугарија, тогаш ВМК (Врховниот македонски комитет) мора да биде главен раководител на целото македонско ослободително дело и да го има главниот збор по прашањето за востание. Гоце Делчев притоа остро протестирал истакнувајќи:

„Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме, и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од тука, за да нѐ втерате, како што се обидовте лани, во игра со востание… Ние сметаме на Вас, од Комитетот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку, господари”.

По враќањето во Штип, Гоце испратил писмо до пунктовниот началник во Ќустендил, Никола Зографов. Во писмото Гоце истакнал: „Тој комитет (Врховниот) таков впечаток ми направи, такво силно оладување предизвика кај мене, што јас не гледам дали ќе помогнат, туку се плашам да не му нанесат и голема штета на делото“. При овие средби со раководителите на ВМК во Софија, Гоце првпат се нашол во улога на емисар на Централниот комитет, а што е најважно: тој првпат отворено, пред лицето на софискиот врховизам, ги прогласува самостојноста и независноста на Внатрешната организација.

Гоце Делчев во своето писмо до Ефрем Каранов од 1897 година пишува:

„Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Тој народ треба да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него.“

Гоце бил бескомпромисен борец против врховизмот и ги разобличувал и осуетувал врховистичките акции во Македонија.
„Не може да се надеваме на туѓа помош, вели тој, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме однатре – во душата секој селанец да се проникне кон таа идеја, сѐ да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашата работа“. (Г. Делчев, Во спомените, 92)
Поради инсистирањето на Гоце, Централниот комитет во март 1897 година го проширил Задграничното претставништво со уште еден член – Ѓорче Петров. Гоце и Ѓорче Петров со своето отворено разобличување на врховизмот, се закитиле со неизмерни заслуги за заштита на самостојниот карактер на македонското револуционерно движење.

Барањето на Делчев за проширување на Задграничното претставништво се базирало првенствено на неговиот ангажман околу префрлувањето на пушките. Најпрво Гоце, а потоа заедно со Ѓорче Петров добиле бесплатно, со одобрение на бугарската влада, 4.000 пушки од браќата Иванови, но без патрони. Објаснување за патроните искажал бугарскиот воен министер, полковникот Иванов, кој бил категоричен:

„Не сме луди да ви дадеме фишеци: така силата ќе ја држиме во свои раце, инаку Вие ќе се одвратите од нас“. Во однос на контактите со бугарската влада и нејзините игри Ѓорче Петров истакнува:
„Рачо (Петров ) се опушти да ми каже дека се воделе преговори за поделба на сфери на влијанија… Овој и сличните признаци ни вдахнаа увереност дека има опасност да се прават политички комбинации на наш грб и без наше знаење. Тоа нè натера да бидеме уште попретпазливи и посамостојни во своите акции, да не даваме можност да се прават слични комбинации на сметка на Македонија… почетното мислење за општа искреност на бугарската влада кон ослободителното дело било проста наивност“.

Гоце бил свесен дека „Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа ‘помош’ создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“ (Г. Делчев, Во спомените, 17)

Македонскиот револуционер Крсто Гермов во разговор со Лазар Колишевски во 1961 г. истакнал:

„…Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично, е, па дојдов да ти кажам дека на Дворот (кај Фердинанд) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Туку да знаеш, сите влегуваа… освен еден човек… Таму не влезе само Гоце Делчев…“

Делчев, од вклучувањето во Организацијата па сè до смртта, ја обиколувал Македонија. Во тоа не го спречувало ни нарушеното здравје, проследено со силни стомачни болки. Секаде каде што престојувал, Гоце оставал светли траги, влевајќи свежина, оптимизам и нескршлива верба во успехот на македонската ослободителна кауза. Оттаму, неговото име, многу лесно прераснало во легенда.

Максимата на Гоце Делчев, големиот идеолог на Внатрешната организација, беше дека „ропството се должи, пред сѐ, на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку мачителот и кога робот престанува во душата да биде таков, ропството исчезнува“.

На крај, една порака од Димо Хаџи Димов:

Ве повикувам во името на Гоце за да ни послужи тоа име како моќна повелба за нашето единствено чувствување како Македонци и за целосно и сестрано откинување од ноктите и мрежата на онаа политика, чии носители најмногу придонесоа за раскинувањето и за новата трагедија на Македонија и кои и денес продолжуваат преднамерно да всадуваат несогласија и конфликти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја одбраниме Татковината од нови заговори и од нови предавства. Сите по патот на Гоце! Сите под едно знаме, неговото знаме!

Според: Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев, Истарска наклада, Пула 1985. Превземено од mkd.mk

Вечна слава за македонските херои!

Тагови

Поврзани вести