Македонија
ДА СЕ ОДЛОЖАТ ПАТУВАЊАТА И ЕКСКУРЗИИТЕ ВО ИТАЛИЈА И ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ КАДЕ ИМА КОРОНАВИРУС
Учениците и студентите нема да одат на екскурзии во Италија. Владата на денешната седница донесе одлука да се одложат сите патувања, како превеција и справување со опасностите кои ги носи корона вирусот. Сите што се враќаат од кризните подрачја од Северна Италија во земјата може да влезат само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.
Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија. На граѓаните им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Дел од директорите на училиштата, уште пред да се донесе владината одлука, ни изјавија дека е лудост да се патува во вакви услови.
„Јас се грижам за здравјето на учениците. Не ми се приоритетни екскурзиите. Тоа не значи дека треба да ги нема. За децата кои се тинејџери, за нив тоа е едно убаво доживување, но во целата ситуација мислам дека е лудо да се патува. Според правилото можат да одат на крајот на трета или почетокот на четврта година. Тоа право нема да им биде скратено.” – Александар Танурков, директор на средно училиште Васил Антевски – Дрен.
Дел од агенциите ги откажаа патувањата за Италија. Иако хотелите им се веќе платени и ќе претрпат загуби, велат, не сакаат да ризикуваат со здавјето на граѓаните.
„Одлучивме, без оглед на се, иако ние сме ги платиле хотелите уште на време преку нашите партнери во Италија, патувањата кон Италија да ги откажеме. Поради безбедноста на нашите патници. Довербата што ни ја дале не сакаме да ја прокоцкаме. Сакаме да бидеме фер кон патниците кои ни ја дале довербата. Сите средства на патниците ќе им бидат вратени. Ќе им понудиме и други дестинации, доколку сакаат да патуваат. Ќе подготвиме нови патувања во меѓувреме. Какаво ќе биде тоа патување кога музеите се затворени. Како да ве носам во Милано кога Дуомо е затворен. Миланска скала е затворена. Еве гледам Милано има патници кои се шетаат, но не е тој град што јас го познавам.” – Нехар Селим, туристичка агенција.
Дел од туристичките агенции се уште размислуваат што да прават со турите за Италија. Денеска чекаа и официјално да бидат известени од Владата.