Добиените резултати покажуваат дека концентрацијата на ПМ10 честичките, останува висока во старата индустриска зона, каде при мерења и во услови кога не работи компанијата „Пејпр мил", има отстапување од граничните вредности. Притоа, се регистрирани 84,77 микрограми на кубен метар, што е за 34,77 микрограми повеќе од дозволената вредност. Меѓутоа, и во зоната Лесна индустрија, на ул. „Крижевска", измерена е концентрација на ПМ10 честички од 51,73 микрограми на кубен метар – Во периодот од 25 до 27 ноември, на неколку локации во Кочани се извршени мерења и анализи во животната средина на емисии во воздух од стационарни извори на загадување и на концентрација на прашина – ПМ10 честички во амбиенталниот воздух. Кај четири правни субјекти се направени мерења на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадни гасови од емитер, односно оџак, и чаднокатрански број што се создаваат при работа на котел за потребите на производствен процес. Кај два од нив е регистрирано отстапување од граничните вредности, стои меѓу другото во лабораторискиот извештај. Добиените податоци ќе бидат испратени до надлежните институции за да преземат соодветни мерки, а онаму каде ингеренциите се на единицата на Општина Кочани, ќе постапува општинскиот инспектор за животна средина. Комплетните лабораториски извештаи се добиени со мерката за контрола, анализа, следење и информирање за квалитетот на животната средина, реализирани од општинската Програма за заштита на животната средина за 2020 година. Тие ѝ се достапни на јавноста преку веб-страницата на Општина Кочани.