Екобаланс ТВИнтервју

Филип Ивановски, Пакомак: Решавањето на проблемот со неформалните собирачи на отпад мора да се стави високо на агендата на општините и институциите (видео-интервју)

Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат отпад на пазарот отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово собирање и рециклирање

Во Македонија годишно се создаваат 700.000 тони различен отпад од кои над 100 илјади тони отпаѓа на отпад од пакувања, над 15 илјади тони е електронски или електричен, над 70 тони е отпад од мали батерии и над 3.500 тони отпаѓа на отпад од акумулатори.
Ова, според Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад при Стопанската комора на Македонија е само 20 проценти од вкупниот отпад.
Има голем број компании кои не ги почитуваат Законите со кои се задолжени да го пријават отпадот што го создаваат и да финансираат негово одделно собирање и рециклирање. На оваа тема разговаравме со Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад и извршен директор на Пакомак, компанија за управување со пакување и отпад од пакување.
Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат отпад на пазарот отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово собирање и рециклирање. Решавањето на проблемот со неформалните собирачи на отпад мора да се стави високо на агендата на општините и институциите, вели Ивановски во интервју за „Екобаланс“.

Дали сите компании кои произведуваат отпад од пакување плаќаат во колективните системи за собирање иако тоа им е законска обврска?
ИВАНОВСКИ: „Пакомак“ има околу 860 компании членки. Според наши информации, во другите колективни постапувачи со отпад има меѓу 300 и 400 компании кои пријавуваат отпад од пакување. Ако се земе предвид бројот на регистрирани правни субјекти во Македонија, а тоа е околу 70 илјади од кои околу 35 илјади се во преработувачка, трговска и друга дејност веројатно постојат најмалку уште три до четири пати повеќе правни субјекти кои генерираат амбалажен отпад од својата работа, но не го пријавуваат никаде. Според нас, се уште има околу 40 отсто од количините кои се пуштаат на пазарот за кој никој никаде не плаќа и не финансира. Тоа е една од причините зошто се уште, финансиски и колективните постапувачи, но и државата нема доволно средства комплетно да го имплементира Законот и секаде да постави контениери за селекција.

Компаниите во Асоцијација се значаен дел од решението за интегрирано управување со отпадот, посебно затоа што се работи за фракции од отпадот кои или се рециклираат (отпад од пакување, акумулатори, метална електрика) и имаат вредност, или неправилното менаџиирање може да има сериозни последици за здравјето на луѓето и животната средина воопшто (батерии, електронскиотпад, отпадни масла, гуми..). Дали со неплаќањето во колективните системи за собирање, фирмите го оштетуваат буџетот? Што може да се направи со средствата кои тие би ги платиле?
ИВАНОВСКИ: Кога 1.200 компании од 35.000 се членки на колективните постапувачи со отпад, оние што не се членки, секако дека имаат опција и тоа е законски овозможено, да плаќаат кон државата. Предвидено е, тие пари што ќе ги уплатат кон државата да се користат за еколошки проекти. За жал, тие компании, не плаќаат кон државата и го оштетуваат буџетот на Република Македонија. Ако тие пари се наплатат, би се собрале можеби четири-пет милиони евра, можеби и повеќе кои би требало да се насочат во општините. Има многу општини кои немаат доволен број контениери за обичен отпад, а за селекција на отпад не станува збор. Тоа значително би помогнало во подобрување на управување со отпадот воопшто, а не само за селекција на отпадот.

Како да се зголеми опфатноста на селекцијата на отпадот?
ИВАНОВСКИ: Ако се сака, тоа може да се направи многу лесно, односно кога сите чинители што треба да си ја вршат својата работа би ја вршеле својата функција, почнувајќи од комуналните инспекции, државниот, пазарниот инспекторат и на тој начин би се зголемила опфатноста на селекцијата на отпадот. Согласно Законот, секој малопродажен објект – продавница, супермаркет, аптека, продавница за бела техника, не смее да продава производи за кои добавувачот што ги донел до таа продавница не докаже дека некаде финансира систам за селекција на отпадот. Оваа работа треба да ја вршат инспекциите. Од многу непозните прични, досега таа работа не е направена темелно и систематски и за жал, многу компании тоа го користат како изговор или како начин да прават даночна евазија, условно кажано. Многу од нив, кога ги контактираме изјавуваат дека доколку не дојде инспекција немаат намера воопшто да плаќаат.
Дали економската вредност на отпадот може да им донесе профит на компаниите, посебно оние кои се занимаваат со пластика и хартија?

Дали тоа значи и отворање на нови работни места?
ИВАНОВСКИ: Независно дали отпадот вреди или нема вредност, ние како колективни постапувачи со отпад, обвразни сме и тоа го правиме – ги собираме тие материјали. Ако материјалите не вредат, собирањето на тој отпад не чини поскапо, но тоа го пресметуваме во нашите буџети. Но, во најголем број случаи, како пластиката и хартијата, за тие што тоа го селектираат, може да добијат екстра економска вредност.

Дали се потребни законски измени во Законот за управување со отпад? Но, уште поважно, дали е неопходна реална инплементација на тоа што е запишано и досега во Законот?
ИВАНОВСКИ: Генерално, законската регулатива во Македонија е средена. Сега има обид да се затворат некои недоречености во Законот што постојат. Проблем е имплементацијата на Законот. Ако секој го прави она што треба да го прави, според Законот, почнувајќи од колективниот постапувач, инспекторатот, Министерството за животна средина, комуналните претпријатија, тогаш тоа навистина би функционирало како што треба. Ако една алка во тој ланец не ја врши својата работа како што треба, настанува застој. Законските измени се неопходни, но понеопходна е реална имплементација на тоа што е запишано и досега во Законот. Исто така, многу е важно колку е висока свеста за селекција на отпадот кај граѓаните. Се е тоа поврзано. Ако граѓаните гледаат дека државата го прави тоа што е пропишано законски, тогаш и граѓаните ќе почнат така да се однесуваат. Кога граѓаните се сведоци дека институциите не се грижат за отпадот, автоматски и тие го преземаат истото однесување.

Во Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Македонија во моментов членуваат осум компании. Кои се следните активности на Асоцијацијата?
ИВАНОВСКИ: Иако сме компании кои се конкуренција меѓусебе, имаме многу заеднички допирни точки каде што може да соработуваме. Особено сме заинтересирани за решавање на проблемот со неформалните собирачи на отпад кои оневозможуваат поставување на каков било формален систем за кој ние се залагаме. Тие ја уништуваат инфраструктурата која ја поставуваме во општините и со тоа создаваат лоша слика дека селектирањето не е успешно. Ние се залагаме тоа прашање да се реши на инклузивен начин. Тоа значи да се најде начин како тие неформални собирачи да се вклучат во еден формален систем. Тука, дефинитивно, клучна улога имаат општините, односно комуналните претпријатија кои ние ги стимулираме, преговарме, убедуваме дека треба да направат некој систем во кој овие луѓе би биле дел од нив. На тој начин би им се олеснила работата и на комуналните претпријатија. Би можеле да собират отпад од „врата на врата“ во одреден ден од неделата или пак тие да собираат официјално од садовите за селекција и да го носат во комуналното претпријатие. Многу е важно и Министерстовото за труд и социјална политика каде што има разбирање да не им биде укината социјалната помош на тие лица додека трае проектот на нивна инклузија во овој иден систем. Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат отпад на пазарот отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово сеобирање и рециклирање. Решавањето на проблемот со неформалните собирачи мора да се стави висока на агендата на општините и институции.

Тагови