Забава

Ана Одине Стрем со ново злато: Двократна олимписка шампионка во ски-скокови

Норвешката ски-скокачка Ана Одине Стрем ја заокружи својата доминација на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина со уште еден златен медал, освојувајќи го првото место и на големата скокалница. Со тоа, таа стана двократна олимписка шампионка, додека Словенката Ника Превц, која пред почетокот на Игрите важеше за најголем фаворит, овојпат се закити со бронза.

Овој триумф има и историско значење, бидејќи Стрем е првата спортистка што станала олимписка победничка на големата скокалница во женска конкуренција. Имено, женските ски-скокови за првпат беа вклучени во олимписката програма во 2014 година во Сочи, а дури сега беа воведени две одделни дисциплини.

Норвежанката до златото стигна со вкупно 284,8 поени, благодарение на скокови од 130,5 и 132 метри. Сребрениот медал исто така замина во Норвешка, откако Еирин Марије Квандал собра 282,7 поени, со што земјата оствари двоен успех. Ника Превц го освои третото место со 271,5 поени.

Словенечката натпреварувачка немаше најдобри услови при првиот скок, што се одрази на нејзиниот пласман, но во втората серија успеа значително да се поправи и сепак да стигне до подиумот.

Со овој резултат, Превц ги завршува Олимписките игри со комплет од три медали – злато во екипна конкуренција, сребро на малата скокалница и бронза на големата скокалница.

Успешниот настап на семејството Превц го надополни и нејзиниот постар брат Домен, кој освои злато на големата скокалница, а има можност да ја зголеми својата жетва на медали на претстојниот екипен натпревар.

Тагови

Поврзани вести