Јапонија денес повторно ја стави во функција најголемата нуклеарна централа во светот, соопшти операторот, откако претходниот обид во јануари беше прекинат поради технички проблем. Тогаш, како што објавија медиумите, алармниот систем регистрирал мала неправилност, поради што рестартирањето беше стопирано од безбедносни причини. Токиската електроенергетска компанија ТЕПКО информираше дека електраната Кашивазаки-Карива, која се наоѓа во префектурата Ниигата, е повторно активирана околу 14 часот по локално време. Централата беше затворена по катастрофалниот земјотрес и цунамито во 2011 година, кои доведоа до тешката несреќа во Фукушима и топење на три реактори. Нов курс кон нуклеарна енергија Јапонија во последните години постепено се враќа кон користење на нуклеарната енергија, со цел да ја намали зависноста од фосилни горива, да се приближи до целта за јаглеродна неутралност до 2050 година и да одговори на зголемената потрошувачка на струја, поттикната и од развојот на вештачката интелигенција. Премиерката Санае Такаичи, која неодамна оствари убедлива изборна победа, отворено ја поддржува нуклеарната енергија како важен столб на јапонската економија. ТЕПКО првично пушти во работа еден од седумте реактори на 21 јануари, но веќе следниот ден тој беше исклучен поради активирање на аларм. Подоцна беше соопштено дека станувало збор за мала промена во електричната струја во еден кабел, која, според компанијата, била во рамките на дозволените безбедносни граници. По дополнителни проверки, операторот ги прилагоди поставките на системот за надзор и оцени дека реакторот може безбедно да продолжи со работа. Комерцијалното производство на електрична енергија се очекува да започне на или по 18 март, по уште една сеопфатна контрола. Најголема во светот, но со ограничен капацитет Кашивазаки-Карива се смета за најголема нуклеарна централа во светот според вкупниот инсталиран капацитет, иако засега е активен само еден од нејзините седум реактори. По несреќата во Фукушима, во Јапонија под строги безбедносни правила повторно беа пуштени во работа 14 реактори, главно во западниот и јужниот дел на земјата. Ова е првата централа на ТЕПКО што повторно се активира по 2011 година. Истата компанија управува и со Фукушима Даичи, каде што сè уште трае сложениот процес на деактивирање. Комплексот Кашивазаки-Карива во меѓувреме доби дополнителни безбедносни подобрувања, вклучувајќи заштитен ѕид од цунами висок 15 метри и унапредени системи за итно напојување со струја. Рестартирање и покрај отпорот Сепак, ставовите на локалното население остануваат поделени. Анкета спроведена во префектурата Ниигата во септември покажала дека околу 60 отсто од жителите се против повторното пуштање на централата, додека 37 отсто го поддржуваат. Противниците предупредуваат на ризик од сериозна несреќа, потсетувајќи на минати инциденти, скандали и, како што велат, недоволно јасни планови за евакуација. На 8 јануари, седум здруженија кои се спротивставуваат на рестартирањето доставија петиција со околу 40.000 потписи до ТЕПКО и до јапонската Агенција за нуклеарна регулација. Од компанијата порачаа дека ќе продолжат „преку конкретни мерки и резултати“ да докажуваат дека безбедноста останува нивен врвен приоритет во централата Кашивазаки-Карива.