Новата француска Влада денеска треба да го одржи својот прв состанок на Кабинетот, со главна задача да го подготви буџетот за финансиски погодената земја. Времето е клучно, бидејќи доколку не се испочитуваат роковите, Франција би можела да се најде без одобрен буџет на крајот на годината, што би ја ставило под дополнителен економски притисок. Се очекува премиерот Себастиен Лекорну, кој во петокот беше вратен на функцијата од претседателот Емануел Макрон, во попладневните часови да даде изјава од име на владата. И левичарските и десничарските групи во францускиот Парламент поднесоа предлози за недоверба на Лекорну, за кои се очекува утре да се гласа во Националното собрание. Насоката на владината изјава на Лекорну веројатно ќе одреди и дали опозицијата ќе успее со своите предлози и ќе ја собори владата само неколку дена по стапувањето на должност. Особено социјалистите својата толеранција кон новата централно-десничарска влада ја условуваат со значителна промена на курсот од страна на повторно назначениот премиер.