Храна
Летна салата од брокула

Ако нешто е препорачливо и здравствено корисно во овие екстремни горештини е консумацијата на лесни салати. Летото е период кој изобилува со различни видови на зеленчук и овошје, па така комбинациите за освежувачка салата се разновидни.
Препорачуваме еден лесен оброк од салата со брокули, која ќе ви биде добродојдена во овој летен жежок период.
Состојки
1 голема главица брокула
1 главица црвен кромид
50 гр суво грозје
50 гр излупени печени семки од сончоглед
50 гр печени бадеми
50 гр панцета
Прелив:
150 гр кисела павлака
сол
бибер
Брокулата исечкајте ја на помали цветчиња и варете ја на пареа 2-3 минути, а потоа прелијте ја со ледена вода да се излади целосно, добро исцедете ја.
Во сад за мешање се ставаат ситно сечканиот црвен кромид, брокулата и сувото грозје, па се преливаат со павлаката, солта и биберот, се убаво се меша и се става во фрижидер неколку часа.
Во меѓувреме, исечете ја панцетата на коцки и пропржете ја додека не стане крцкава. Пред сервирање во салатата додајте ги семките од сончоглед, сечканите печени бадеми и панцетата, сè убаво измешајте и послужете. Додадете ги овие состојки пред сервирање за да останат крцкави, т.е. за да не омекнат од преливот за салата.