Ким Џонг Ун вели дека е отворен за средба со Доналд Трамп ако Вашингтон престане да инсистира неговата земја да се откаже од нуклеарно оружје. Тој додаде дека Северна Кореја никогаш не би се откажала од својот нуклеарен арсенал во замена за укинување на меѓународните санкции. „Лично, имам убави спомени од Доналд Трамп“, кажа Ким, кој се сретна со американскиот претседател трипати во неговиот прв мандат. Коментарите на Ким уследија откако новата либерална влада на Јужна Кореја го повика Трамп да ја преземе водечката улога во повторното отворање на дијалогот со Северна Кореја, шест години откако пропаднаа сите мировни разговори. „Доколку САД се откажат од апсурдната опсесија со денуклеаризација, ја прифатат реалноста и сакаат вистински мирен соживот, нема причина да не седнеме на преговарачка маса со САД. Изградбата на нуклеарно оружје е прашање на опстанок за Северна Кореја за да ја заштити својата безбедност од заканите од САД и Јужна Кореја“, изјави Ким. Новиот претседател на Јужна Кореја, Ли Џе Мјунг, изјави дека ќе прифати договор помеѓу Трамп и Ким според кој Пјонгјанг само ќе треба да го запре производството на нуклеарно оружје, а не да го уништи целиот свој арсенал. „Северна Кореја произведува 15 до 20 нуклеарни бомби годишно и секој договор што ќе го замрзне тоа производство би бил корисен чекор кон целосно укинување на програмата“, рече Ли. Ким кажа дека санкциите биле искуство од кое учеле и ја направиле неговата земја посилна и поотпорна. Северна Кореја е под санкции на Обединетите нации и ембарго за оружје уште од првата нуклеарна проба во 2006. И покрај тоа, Пјонгјанг продолжи да напредува во изградбата на нуклеарно оружје и моќни балистички ракети.