Настаните, кои во текот на повеќе денови го доближија современото македонско творештво до публиката во Хрватска, беа проследени со голем интерес и со позитивни реакции. Во рамките на културната манифестација, на 8 Септември, во Музејот на Град Шибеник, беше прикажан филмот „Стрмоглави“, во режија на Маја Младеновска, а по сценарио на Томислав Османли. Публиката имаше можност да се запознае со филмот што зборува за животите загубени во големите современи превирања и за обидот за спасување на човечкото достоинство низ љубовта што се раѓа меѓу главните ликови, Тони Михајловски и Николина Кујача. Претходно имаше свечено отворање на културната манифестација „Денови на македонската култура во Шибеник“ и литературно претставување. На 3 септември, манифестацијата свечено ја отвори советникот за култура на претседателот на Република Хрватска, Здравко Зима, инаку истакнат хрватски писател. Тој посочи дека времето во кое живееме го одбележуваат судири и хаос. – Благодарение на технологијата, се промени и односот кон просторот и времето, но светот одеднаш како да се смали, па би било смешно, ако не жално, ако ние што живееме на овие простори меѓусебно се однесуваме како странци. Можеби, сме различни, и сме, но не би требало да бидеме странци. Напротив – порача Зима. Тој додаде дека манифестацијата „Денови на македонската култура“ го слави духовното заедништво, ја слави културата, бидејќи културата што е изолирана, што не излегува од сопствените граници, од сопствениот двор, во крајна линија не може ни да се нарече култура. Промоции На љубителите на литературата им беа промовирани романите „Брод. Конзархија“ од Томислав Османли и „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, а на Зларин беше претставено книжевното и музичкото творештво на сестраниот уметник и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, проф. д-р Владимир Мартиновски. Промоторката на романот „Брод. Конзархија“, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска од Филолошкиот факултет во Скопје, посочи дека Османли возбудливо, со примеси на иронија и на сатира (негови вообичаени наративни средства), на микрониво открива носталгичен човек проектиран во блиска, отуѓена и хипермеркантилна иднина и дека носталгијата има важно место во овој роман. – Како и во другите Османлиеви романи, архетипско преплетување на минатото и на иднината, исчезнатото и застрашувачкото, подразбира соочување со проблемите на сегашното време: емиграција, осаменост, консумеризам, еколошка катастрофа… – посочи промоторката Капушевска-Дракулевска. Современата македонска писателка и преведувачка и добитничка на бројни награди, која моментално живее и работи во Словенија, Лидија Димковска, претставувајќи се пред шибеничката јавност (5.9.2025.), во својот роман „Единствен матичен број“, низ судбината на семејството Аврам, проговори за егзилот, идентитетот и за отуѓеноста, прикажувајќи ја болната реалност на странец што станува само број – во туѓина и во сопствениот дом. Промотор беше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет во Скопје, кој на својствен и инспиративен начин го претстави книжевното творештво на авторката Димовска, разговарајќи со неа за темите и за мотивите што ги обработува во делата. Публиката, исто така, имаше можност да поставува прашања, со што промоцијата прерасна во отворен и поттикнувачки дијалог.