Свет
Во Британија големи редови за гориво, што се случува?
Во Британија големи редови за гориво, владата ги повика граѓаните да се однесуваат нормално.Министерот за сообраќај Грант Шапс ги повика Британците да се однесуваат нормално при купувањето бензин. Тој им порача дека има гориво и дека владата се вклучила за да го ублажи недостигот.
Во изминатите денови се создаваа долги редови на бензинските пумпи. Некои со часови чекале да наполнат гориво во автомобилите откако нафтените компании објавија дека недостигот од возачи на цистерни предизвикува транспортни тешкотии од рафинериите до бензинските пумпи, па некои пумпи го ограничија полнењето гориво, а други целосно затворија.
„Гориво има во изобилство, нема недостиг во земјата“, порача Шапс.
„Значи, најважно е всушност луѓето да продолжат да се однесуваат вообичаено и да ги полнат своите автомобили како што тоа инаку би го правеле, тогаш нема да има редови и нема да има недостиг на пумпите“.
Британската влада денес најави план за издавање привремени визи за 5.000 странски возачи на камиони.
Но, бизнис лидерите предупредија дека тоа е краткорочно решение кое нема да го реши актуелниот недостиг од работна сила, кој се заканува да предизвика пречки во испораката на гориво, но и на малопродажбата пред Божиќ.
Шапс паниката околу горивата ја нарече „произведена ситуација“ и за тоа ги обвини здруженијата на превозниците.