Култура

Универзална сала во ново руво, но со стар дух – капацитет 1200 луѓе, треба да биде готова до крајот на 2027-ма

Најдоцна за две годни, а можеби и порано, скопјани ќе добијат реконструирана Универзална сала. Ќе се задржи постоечката форма поради почитување на колективната меморија и подарокот кој го доби нашиот главен град по земјотресот во 1963-та. Со реконструкцијата, објектот ќе претрпи измени, но нема да се менува добро познатиот лик, ниту ќе се излегува од неговиот габарит.

Најголемите промени се направени во материјалот кој ќе биде употребен за реконструкцијата, внатрешната реорганизација на просторот, но и подобрување на акустиката и осветлувањето. Ќе се уреди и просторот околу објектот.

„Изработена е нова просторна акустика со вклучени техничко-технолошки системи, со нова механика, ново лед осветлување, аудио и видео, како и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и надворешноста на објектот. Проектот, многу важно е што е енергетски ефикасен и изработено е современо и интересно партерно и хортикултурно решение“, порача Зоран Љутков.

Капацитетот, поради новите стандарди ќе биде намален од 1500 на 1200 места, а подиумот ќе биде мултифункционален, односно ќе може да се употребува за претстави од различен карактер. Ќе може да се изведуваат и премиери на нови филмови.

„Најмногу менувавме во новитетите на сценска техника. Менувавме нешто од конструкцијата заради несреќата, од пожарот што се случи минатата година и менувавме акустиката, која што всушност бучавата што ја создава Универзална сала кога работи, затоа што сериозно парче од тој дел од градот е веќе станбена зона и моравме уште еднаш да направиме ревизија на таа акустика и сега објектот нема да пречи на жителите“, вели Бујар Муча.

До крајот на 2027-ма треба да биде пресечена црвена лента и скопјани да добијат модернизирана Универзална сала. Јавната набавка е веќе во тек, се очекува понудите наскоро да бидат отворени, а реконструкцијата да почне во октомври месец оваа година. Проектот ќе чини околу 20 милиони евра, а реконструкцијата ќе биде по принципот „клуч на рака“. Носител на проектот и финансиер е Министерството за култура, а по пуштањето во употреба Универзална сала повторно ќе биде дадена во владение на Град Скопје.

 

Тагови

Поврзани вести