Во последните години сè почесто се зборува за новата генерација батерии – таканаречените батерии во цврста состојба (solid-state batteries). Станува збор за технологија која ветува подолг досег, побрзо полнење и значително поголема безбедност во споредба со сегашните литум-јонски решенија. За разлика од класичните батерии кај кои електролитот е течен или гел, кај цврстите батерии тој е во целосно цврста форма. Оваа промена овозможува употреба на напредни материјали – како метални аноди и натриум – што резултира со многу поголема енергетска густина. Во ист волумен, ваквите батерии можат да складираат значително повеќе енергија, додека натриумот како материјал е далеку поевтин и полесно достапен од литиумот. Покрај тоа, цврстите батерии се и побезбедни. Тие не можат да истечат, да се прегреат или запалат, отпорни се на високи температури и имаат подолг животен век. Тоа значи дека електричните возила би можеле да издржат илјадници циклуси на полнење без значителен пад на капацитетот. Кинескиот гигант BYD веќе потврди дека во 2027 година ќе започне со производство на електрични возила опремени со целосно цврсти батерии. Производството во почетокот ќе биде ограничено, но компанијата очекува масовна примена до 2030 година. Новата батерија на BYD се очекува да има енергетска густина до 400 Wh/kg, што е речиси двојно повеќе од денешните батерии. Тоа би значело досег од 1.000 до 1.200 километри со едно полнење. Дополнително, BYD работи и на технологии за ултрабрзо полнење, со можност за достигнување 80% капацитет за само десетина минути. Најголемиот светски производител на батерии, CATL, исто така планира да започне со ограничено производство на цврсти батерии во 2027 година. Компанијата тестира прототипи со енергетска густина над 500 Wh/kg, што би можело да постави нов индустриски стандард. Првите генерации ќе бидат наменети за премиум возила, а со време технологијата ќе стане подостапна. Од друга страна, Toyota заедно со Idemitsu развива нови катодни материјали и најавува појава на првите модели со цврсти батерии меѓу 2027 и 2028 година. Американскиот стартап QuantumScape, поддржан од Volkswagen, исто така бележи напредок со своите литиум-метални решенија, кои ветуваат висока густина и стабилност. Во Кина, компании како SVOLT и WeLion (во соработка со NIO) веќе тестираат полу-цврсти и целосно цврсти решенија, а некои модели на NIO веќе користат полу-цврсти батерии со капацитет од 150 kWh, што е меѓу највисоките вредности на пазарот. Најавите на повеќе компании го поставуваат 2027 како година на првите сериски модели со цврсти батерии. Сепак, експертите очекуваат дека вистинското масовно производство ќе започне по 2030 година, кога ќе се стабилизираат трошоците и ќе се усовршат производствените процеси. Во првата фаза, оваа технологија ќе биде резервирана за луксузни и спортски модели, а подоцна ќе се прошири и во поширокиот автомобилски сегмент. Цврстите батерии би можеле целосно да ја променат сликата на електричната мобилност. Со енергетска густина до 400–500 Wh/kg, електричните возила би можеле да постигнат досег до 1.200 километри, а времето на полнење да се намали на 10–15 минути. Дополнително, се очекува овие батерии да издржат и над 10.000 циклуси на полнење, што значи дека ќе траат подолго од самиот автомобил. Иако сè уште се во развојна фаза, напредокот на компании како BYD, CATL, Toyota и QuantumScape покажува дека иднината на електричните батерии е поблиску од кога било. Од 2027 година ќе започнеме да ги гледаме првите модели со ваква технологија, а до почетокот на следната деценија батериите во цврста состојба би можеле да станат новиот стандард во светот на електромобилноста.