Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Њујорк ќе ја отпочне официјалната посета на Соединетите Американски Држави преку обраќање на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жени. Темата на состанокот гласи: “Повторна посветеност, обезбедување ресурси и забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција за постигнување родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојчиња”. На пленарната сесија, која ќе трае во текот на целиот ден, ќе има говори од претставниците на сите држави членки на ОН и сите членови на специјализираните агенции и меѓувладини организации и ентитети со статус на набљудувачи во Генералното собрание. Претседателката Сиљановска-Давкова исто така ќе присуствува и на ручекот “Women Rise for All” организиран од заменик генералната секретарка на ОН, Амина Мохамед. Се очекува овој настан да ја потенцира трансформативната лидерска улога на жените кои ги унапредуваат Целите за одржлив развој (ЦОР) и да ги поврзе влијателните жени лидерки од целиот свет. Настанот овозможува платформа за размена на идеи, стратегии и јакнење на мрежите со цел стимулирање на одржливиот развој. Според програмата, Сиљановска-Давкова денес ќе присуствува и на приемот во чест на шефовите на делегации од Југоисточна Европа, организиран од Американско – балканската стопанска комора, како и на вечерата на високо ниво во рамките на Годишното заседание на Платформата на жени лидери при ГС на ОН. Во текот на неколкудневната посета на САД, претседателката Сиљановска-Давкова ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво кои се организираат по повод 80. Генерално собрание на ОН. Претседателката ќе има средба со генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а исто така се планирани и билатерални средби со светски лидери. Темата на овогодишната сесија е: “Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права”. За време на работната посета на САД, претседателката Сиљановска-Давкова ќе престојува и во Детроит.