Живот
Ниту снегот не ги спречи јапонските цреши да расцветаат кога за тоа им е време
Ниту ниските температури, снегот и дождот, не ги спречија јапонските цреши засадени на главната улица во Кичево, да расцветаат во периодот кога тоа го чинат секоја година, кон крајот на март и почетокот на април.
Така деновиве и покрај намалената фреквенцијата на граѓани поради пандемијата со Корона вирусот, сепак најхрабрите и жителите кои живеат во непосредна близина на главната улица да си дозволат барем накратко да уживаат во розевината на јапонски цреши засадени пред десетина години, а повеќето шетачи не ја пропуштаат приликата и да се фотографираат или да направат самослик, за спомен од оваа убавина подарена од природата.
Ниските температури и снегот присутни деновиве во земјава направија многу штети на коскестите овошки како праските и кајсиите, токму во периодот кога овие беа во екот на цветањето. Сега се стравува да не се повторат мразевите кон средината на април, кога цветаат јаболката и останатите овошки, бидејќи во три години по ред, овоштарите останаа речиси без приходи, поради драстично намалениот род на јаболката крушите и останатите овошки.