Македонија
Како снежна и постудена зима ќе влијае на хибернацијата на дивите животни?

Во Македонија сега имаме снежна зима, со малку постудено време за разлика од претходно и тоа ќе влијае на хибернацијата на дивите животни.
Александар Павлов од Македонското еколошко друштво(МЕД) вели дека пониските температури, па и обилниот снег, се нормална појава на која е навикнат овдешниот животински свет. При ниски температури многу животни (помалите особено) влегуваат во т.н. хибернација, своевиден длабок сон, во кој го забавуваат својот метаболизам и со тоа „штедат“ во потрошувачката на енергија. Ниските температури како што вели Павлов, поттикнуваат хибернација.
„Од друга страна, мека зима не поттикнува хибернација, а тоа значи дека поголемите животни (на пр., мечките) може да се активираат и порано, во услови кога храна наоколу нема. Ова донекаде е поврзано и со т.н. фенолошки циклус кај растенијата, кој зависи од сезонските температурни промени. Така, при задоцнета зима или нагло опаѓање на температурите напролет, може да дојде до уништување на пупките, а со тоа да се наруши плодоносењето кај растенијата. Ова влијае на достапноста на храна во природата, поради што дивите животни бараат алтернатива – најчесто во човечките населби. Оттука, не може да се утврди директна поврзаност на еден фактор со дадена појава, туку се работи за сплет на фактори и околности. Но, кога станува збор за конфликтот на човекот со дивите животни, мора да се нагласи и нашата лична и општествена одговорност – какви практики користиме за управување со отпадот, како ги штитиме пчеларниците и стадата, и, општо, како се однесуваме во природа. Диви животни имало отсекогаш, а навидум зачестените средби можеби упатуваат на вознемиреност и раздвиженост, а не на зголемен број. Ова не е лесно да се утврди, а бара редовен мониторинг и внимателно обмислени мерки за заштита и управување“, додава Павлов.