Куќите и плоштадите во регионот Упано во источен Еквадор биле поврзани со голема мрежа од патишта и канали. Областа е во сенка на вулкан, што ја прави околната почва многу плодна, но можеби и довело до исчезнување на луѓето кои живееле во откриениот град. Според претходните сознанија, се верувало дека луѓето во Амазонија живеат само номадски или во мали населби. „Ова е постаро од кој било друг археолошки локалитет што го знаеме во Амазон. Имаме евроцентрично гледиште за цивилизацијата, но тоа покажува дека треба да ја промениме нашата идеја за тоа што е култура и цивилизација“, рече професорот Стефан Ростин од Центарот за научни истражувања во Франција, кој го предводеше истражувањето. Антоан Дорисон, кој исто така работеше на откривањето на градот, рече дека сега се менува и начинот на кој се гледаат амазонските култури. „Повеќето луѓе замислуваат мали групи на веројатно голи луѓе кои живеат во колиби и работат на земја, но ова покажува дека античките луѓе живееле во сложени урбани општества“, рече Дорисон. Градот бил изграден пред околу 2.500 години, а според археолозите, во него луѓето живееле и до 1.000 години. Тешко е да се процени точно колку луѓе живееле таму во одредено време, но научниците проценуваат дека сигурно е 10.000, ако не и 100.000. Археолозите комбинираа теренски ископувања и ласерски сензори од авиони за да го откријат градот обраснат со растенија и шуми.