Македонија
Kонкурс за за најубаво уреден двор
Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, за најголем придонес во областа на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција/стопански објект и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта.
Овој конкурс Град Скопје го распиша на 21 март годинава во рамките на традиционалната акција „Денови на пролетта – Денови на екологијата“, а ќе трае до 15 мај 2018 година.
Според условите на овој конкурс, Град Скопје ќе избира:
1. Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина);
2. Најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица што со својата активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во градот Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областа на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и сл.);
3. Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект);
4. Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта);
5. Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта).
Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица се доставуваат по пошта на адреса: Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден бр. 82 или во архивата на Градот, како и на телефонските броеви: 02/3297-273 и 3297-304.
За првите две категории предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ по 40.000 денари.
За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ по 10.000 денари.
За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ по 10.000 денари.
Разгледувањето на пристигнатите пријави и избирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Град Скопје ја формира од претставници на вработените во секторите на Град Скопје и од невладините организации.