Свет
Кина со сериозно предупредување кон Јапонија за Тајван

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска побара од јапонската премиерка Санае Такаичи да ги повлече своите „нечуени изјави“ во врска со Тајван, предупредувајќи дека во спротивно „Јапонија ќе мора да ги сноси сите последици“ од нејзините коментари.
Такаичи минатата недела предизвика дипломатски спор со Пекинг со изјавата во парламентот дека евентуален кинески напад врз Тајван би можел да претставува „ситуација што го загрозува опстанокот“ и да доведе до можен воен одговор од Токио.
Портпаролот на кинеското МНР, Лин Џиан, на прес-конференција порача дека изјавите на јапонската премиерка се „грубо мешање“ во внатрешните работи на Кина и нанесуваат „тежок удар“ врз билатералните односи.
„Остро ја предупредуваме Јапонија дека мора длабоко да размисли за своите историски злосторства на агресија, веднаш да престане да се меша во внатрешните работи на Кина и да ги запре своите провокативни зборови и постапки. Не играјте си со оган во врска со Тајван – оние што се играат со оган на крајот ќе изгорат“, изјави тој.
Пекинг тврди дека Тајван е дел од Кина и не ја исклучува можноста за употреба на сила за преземање контрола врз островот. Тајванската влада ги одбива овие тврдења и истакнува дека само народот на Тајван може да одлучува за својата иднина.
„Ако Јапонија се осмели воено да интервенира во ситуацијата во Тајванскиот Теснец, тоа ќе биде чин на агресија, а Кина ќе одговори решително“, предупреди Лин. Нема знаци дека тензиите меѓу Кина и Јапонија се намалуваат.
Во меѓувреме, високи политички претставници во Токио побараа протерување на кинескиот генералeн конзул во Осака, Сјуе Џијан, кој сподели новинарска статија за изјавите на Такаичи и коментираше: „Немаме избор освен да ја отсечеме таа валкана глава што нè нападна.“
Јапонскиот министер за надворешни работи, Тошимицу Мотеги, го опиша овој коментар како „жалосен“.
„Јапонија ќе продолжи силно да ја поттикнува кинеската страна да преземе соодветни мерки за ова да не влијае врз пошироките јапонско-кинески односи“, изјави Мотеги на прес-конференција во Канада, на маргините на состанокот на Г7. Тој не одговори на прашањето дали Сјуе треба да биде протеран.



