Култура
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје слави 80 години постоење

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје одбележува осум децении постоење и работа. Главната свеченост ќе се одржи задутре (15 ноември) во 12 часот во централниот објект на библиотеката. Пред присутните ќе се обрати директорката Снежана Стојчевска.
Библиотеката е една од најстарите и најзначајните културни институции во земјава. Основана е во март 1945 година, веднаш по ослободувањето на Скопје. На 15 ноември истата година ја започнала својата работа со почетен фонд од 3.500 книги, од кои 500 биле наменети за деца. Првите книги биле собрани со голема помош од граѓаните на Скопје. Во првите години, библиотеката функционирала како градска, а од 1956 година добила статус на околиска библиотека и станала центар за развој на библиотекарството во Скопје.
Во 1962 година, библиотеката станала матична установа за целото подрачје на градот и почнала со организирана грижа за мрежата на јавни и училишни библиотеки. Првите библиотечни клонови биле отворени во селата Студеничани, Булачани и Кучевиште, а подоцна и во Тафталиџе, под името „Димитар Влахов“.
Во 1972 година е формирана подвижната библиотека, која успеала да ги опслужи 14 населени места и денес располага со над 60.000 книги. Две години подоцна библиотеката се обединила со неколку други скопски библиотеки и го добила денешното име – Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
Денес, институцијата има три централни библиотеки и 20 клонови низ Скопје. Настаните, изложбите и проектите што ги реализира ја потврдуваат нејзината важна улога во културниот живот на градот. Современиот објект во кој библиотеката работи од 1973 година е еден од најфункционалните библиотечни простори во земјата. Од само четири вработени во 1945 година, денес библиотеката располага со стручно обучен кадар и целосно дигитализирани каталози.
Од 2004 година, библиотеката е дел од COBISS системот, со што е поврзана со националната мрежа на библиотеки и овозможува онлајн пристап до каталогот.



