Свет
Јапонците слетаа на Месечината
Додека ние скокавме по крстот јапонците скокнаа до Месечината. Па добро, не баш веднаш и сега, леталото беше лансирано кон нашиот најголем природен сателит уште пред неколку месеци – на 7 септември 2023 година од базата Танегашима, со помош на ракетата H-IIA. Но, на 19-ти овој месец тоа конечно пристигна до крајната дестинација – површината на Месечината. Во продолжение во кратки црти пренесуваме како се одвиваше слетувањето на јапонската сонда SLIM
Слетувањето на Месечината на јапонската сонда SLIM (Smart Lander for Investigating Moon) беше успешно. Според првичните вести од јапонската агенција за вселенски истражувања JAXA, сондата по слетувањето успешно комуницира со Земјата, но по сѐ изгледа дека соларните панели на лендерот не функционираат. Тие не генерираат енергија, па активностите на сондата засега зависат од батеријата. Во соопштението на JAXA се вели дека поради тоа “приоритет е даден на стекнување податоци од SLIM за Месечината” и додаваат дека “Детална анализа на добиените податоци ќе биде спроведена во иднина и ќе продолжиме да ги споделуваме сите ажурирања за ситуацијата”.
Уметнички приказ на SLIM над површината на Месечината
На новинарот кој праша дали мекото слетување било успешно или неуспешно, Хитоши Кунинака, официјалниот претставник на JAXA, одговори: „Веруваме дека самото меко слетување било успешно бидејќи леталото ги испрати податоците од телеметријата, што значи дека повеќето од опремата што е сместена во него била функционална“. Не е јасно зошто соларните ќелии не работат, но малку е веројатно дека биле оштетени за време на тачдаунот, бидејќи другиот хардвер на SLIM е добар и функционален. Според JAXA, можно е лендерот да не е ориентиран кон Сонцето како што се очекуваше.
Сондата пристигна во месечевата орбита на 27 декември, откако измина приближно 400 000 километри во вселената. Првично, јапонското возило опиша елипсовидна орбита околу Месечината со максимално растојание од 600 km, во апоселен, и најмало растојание од 15 km во периселен.
За слетување SLIM го избра кратерот Шиоли (Shioli), сместен во многу поголемиот кратер Кирил на северозападниот крај од Морето на Нектарот регионот на Океан на Бурите (Oceanus Procellarum), каде се претпоставува дека лунарниот плашт (виси слика за структура на Месечината во галерија) е изложен на површината.
Лендерот најнапред го тестираше својот систем за навигација заснован на препознавање на теренот, што му овозможува да слета со прецизност од околу 100 метри, што е мошне тесен опсег во споредба со километарскиот опсег на другите мисии. Со вклучување на главниот мотор на височина од 15 km од површината на Месечината, на 19 јануари 2024 година во 16 часот по македонско време SLIM го започна маневрот за слетување. Спуштањето до 3,5 km беше забавено со активирање на помошните мотори во четири секвенци со траење од приближно 50 секунди, со прилагодување на позицијата на телекамерата и вршење проценка на позицијата и брзината врз основа на сликите од тлото.
Приказ на траекторијата и елипсовидната орбита на SLIM
Последната фаза од 3,5 км вертикално спуштање сѐ до контактот со тлотое беше извршена со наведување од радарот за слетување и системот за откривање пречки, што овозможи SLIM да ги избегне карпите и релјефните нерегуларности.
Мисијата SLIM на јапонската вселенска агенција JAXA е важен исчекор за јапонското вселенско истражување. Успешното слетување на SLIM, кое се случи на 19 јануари 2024 година во 16 часот и 22 минути по македонско време, на блиската страна од Месечината, имаше за цел да покаже дека Јапонија е способна да изврши прецизни слетувања дури и во тешки услови. Научната активност на SLIM се очекуваше да трае еден лунарен ден (околу две недели на Земјата), со оглед на тоа што лендерот нема грејачи за заштита на неговата електроника од студената лунарна ноќ. SLIM имаше за цел да ја проучи својата околина – дел од Море од Нектарот (Mare Nectaris) преку спектрална анализа на кратерот Шиоли со мулти-бенд камера (MBC) и ослободување на два мали експериментални ровера – Лунарно екскурзиско возило 1 и 2. Податоците од спектрометарот би можеле да дадат сознанија за составот на областа, што за возврат би можело да фрли светлина врз формирањето и еволуцијата на Месечината. Но ова нема да се случи ако соларните панели на SLIM не профункционираат.
Двата мали ровера, LEV-1 и LEV-2 (LEV – Lunar Excursion Vehicle), имаат за цел да собираат свои податоци и да фотографираат. Според изјавите од JAXA, податоците покажуваат дека роверите се распоредени според планираното.
SLIM имаше за цел да слета во опсег од 100 метри од целната локација на работ од кратерот Шиоли, па оттаму го доби прекарот Месечев снајперист
Податоците собрани од SLIM треба да помогнат за подобрување на нашето разбирање за Месечината и нејзината историја, пренесуваа emiter.com.mk