Свет

Студија во ЕУ откри високи количества штетни материи во пакувања од пластика за храна и пијалаци

Една студија на ниво на Европската Унија покажува дека Европејците сѐ уште се изложени на високи количества штетни материи поради користењето пластика во исхраната. Станува збор за штетната хемикалија БПА бисфенол А, која се користи при производство на пластични производи.

Агенцијата за животна средина на ЕУ ги објави податоците од испитувањата направени преку урината кај граѓаните на ЕУ, каде што се гледа високо ниво, далеку над дозволеното на оваа штетна хемикалија. Агенцијата на ЕУ соопшти дека примероците од урина собрани од Европејци во неколку земји откриле дека изложеноста на БПА останува „добро над прифатливото ниво на здравствена безбедност“ и претставува потенцијален ризик за милиони луѓе.
Во таа студија не е опфатена Македонија и нема податоци за неа, но и Македонија е една од државите во кои пластиката во исхраната се користи исклучително многу.
Анализите покажуваат дека во Македонија не се правени вакви или слични студии. Надлежните велат дека постојат регулативи на ниво на држава за начинот на кој може да се користи пластиката за пакување храна или пијалаци. Јавноста, сепак, се сомнева дали и колку често се прават контроли за почитување на законските правилници за производство на пластика.
Една од обврските е на секоја пластична амбалажа да постои ознака со каков квалитет е таа. Едноставната проверка на ознаките од амбалажите во продажба покажува дека најмногу пластична амбалажа во Македонија се користи со ознаката ПЕТ, која означува дека таа е за една употреба и не се препорачува нејзино повторно полнење.

Истражувања се прават, но не како европските

Експертите велат дека законски можеби Македонија е добро уредена, но неопходна е поголема едукација на граѓаните за начинот на кој може и треба да се користи пластиката во исхраната.
Од Институтот за јавно здравје велат дека не се прават истражувања како европските, но се прават истражувања на пластиката како материјал во контакт со храна.
На веб-страницата на Институтот за јавно здравје е објавено дека една од препораките е политика на подобро управување со пластиката, односно да се намали употребата на пластика каде што е можно, да се минимизираат пластиките што се испуштаат во околината, бидејќи овие дејства можат да им даваат други придобивки на животната средина и човековата благосостојба.
– Снабдувачите на вода и регулаторите треба да продолжат да му даваат приоритет на отстранувањето микробиолошки патогени и хемикалии од водата за пиење за кои се познати значителни ризици по здравјето на луѓето.
Како дел од планирањето на безбедноста на водата, снабдувачите на вода треба да обезбедат ефективни мерки за контрола, вклучувајќи и оптимизирање на процесите за третман на вода за отстранување честички и микробиолошка безбедност што случајно ќе го подобри отстранувањето на микропластичните честички. Рутинско следење на микропластиката во водата за пиење во овој момент не е потребно. Истражувачите треба да преземат насочени, добро дизајнирани и квалитетно контролирани истражувачки студии за подобро да ја разберат појавата на микропластика во циклусот на водата и во водата за пиење низ целиот синџир на снабдување со вода, како и политики на подобро управување со пластиката, односно да ја намалат употребата на пластика каде што е можно, да се минимизираат пластиките што се испуштаат во околината, бидејќи овие дејства можат да им даваат други придобивки на животната средина и човековата благосостојба – се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Се користи во пластични и метални садови и во шишиња со вода

БПА е синтетичка хемикалија што широко се користи во пластични и метални контејнери за храна, шишиња со вода за повеќекратна употреба и цевки за вода за пиење. Според агенцијата, дури и во мали дози, хемикалијата може да го ослаби имунолошкиот систем. Други здравствени проблеми што може да ги предизвика БПА се неплодност и алергиски реакции на кожата.
Бисфенол А и два други бисфеноли што се користат како замена за БПА беа измерени во урината на 2.756 возрасни лица од 11 земји: Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Финска, Германија, Исланд, Луксембург, Полска, Португалија и Швајцарија.
Како што наведе ЕЕА, со седиште во Копенхаген, нивото на пречекорување варира помеѓу 71 и 100 отсто во 11-те земји.
– Благодарение на револуционерниот истражувачки проект на ЕУ за човечки биомониторинг, можеме да видиме дека бисфенол А претставува многу пораширен ризик за нашето здравје отколку што се мислеше – рекоа од европската агенција за животна средина.
Оттаму посочуваат дека резултатите од ова истражување мора сериозно да се сфатат и да се преземат повеќе активности на ниво на ЕУ за да се ограничи изложеноста на хемикалии што претставуваат ризик за здравјето на Европејците.
БПА е забранета во пластични шишиња и пакувања што содржат храна за бебиња и мали деца во ЕУ со години.
Во февруари 2018 година блокот исто така воведе построги ограничувања на БПА во сите материјали што се во контакт со храна.


Кои шишиња се безбедни, а кои треба да ги фрлите веднаш по употребата?

Луѓето главно повеќепати ги користат истите пластични шишиња од вода или сок, не знаејќи дека тоа може да биде отровно. Меѓутоа некои амбалажи се наменети исклучиво за еднократна употреба.
На дното од секоја пластична амбалажа се наоѓа триаголник со број во средина, а под него е ознаката што ви открива колку е опасна пластиката што ја држите в раце. Ако шишето е наменето за една употреба, не треба да го користите повеќепати.
Голем број пластични шишиња од обична, минерална вода, газирани и негазирани пијалаци ја имаат ознаката ПЕТ или ПЕТЕ (број 1 во триаголникот). Важно е да знаете дека овие шишиња се наменети за еднократна употреба. Постои можност со секое ново полнење пластиката во водата да испушта тежок метал антимон, хемиско соединение ЕПА, кое го попречува дејствувањето на хормоните.
Безбедните шишиња од пластика ќе ги препознаете по ознаките ХДП (или ХДПЕ), ЛДПЕ и ПП или по броевите 2, 4 и 5. ЛДПЕ е вид пластика што најчесто главно не се користи за изработување шишиња, туку за ќеси за пакување продукти. ХДП е исто така добар избор, како и РР, која најчесто се користи за чаши за јогурт и е со бела боја.
Амбалажа што треба да се избегнува е пластика со ознаките ПВЦ (понекогаш и ознака 3В), ПС и ПЦ (често и без ознаки) или по бројчињата во триаголникот – 3, 6 и 7.
ПВЦ испушта две опасни хемикалии што го попречуваат работењето на хормоните во организмот. И покрај тоа, оваа пластика се користи за производство на шишиња.
ПС во водата испушта канцерогена материја – стирен. Најчесто се користи за пластични чаши за кафе, за еднократна употреба или за амбалажа на брза храна.
ПЦ (или без ознака – бр. 7) е најлоша пластика за амбалажа за прехранбени продукти бидејќи ја испушта опасната хемикалија БПА (бисфенол А), пренесува Нова Македонија

Тагови

Поврзани вести