Свет

Снежни бури на северот во САД, торнада и поплави на југот

Силна бура предизвика торнада во јужниот дел на САД и донесе обилни снежни врнежи и други екстремни временски услови низ САД и делови од Канада. Поради невремето неколку лица се повредени во Тексас, а оштетени се и некои згради.

Според FlightAware.com, вчера и завчера биле одложени околу 9.000 летови во САД. Во некои западни држави се очекуваат и до 60 сантиметри снег, а екстремните временски услови би можеле да ги погодат жителите на целата земја.

Тешките временски услови започнаа во понеделникот вечерта и се очекува да продолжат и денеска, а најмногу се погодени Монтана, Вајоминг, Јужна Дакота и Небраска, изјави Рич Ото, метеоролог од Центарот за предвидување на времето.

Во тие држави се очекуваат силни ветрови со брзина од над 64 км/ч и обилни снежни врнежи. Повеќе од 20 милиони луѓе во САД вчера беа под предупредување за тешки временски услови. Предупредувањата за снежна бура на Националната метеоролошка служба важеа и за сите тие држави, како и за Колорадо. Тие се предизвикани од ветрови придружени со обилен снег.

Ото вели дека обилниот снег во комбинација со силните ветрови ќе создаде слаба видливост на патиштата. Се очекува во некои делови од регионот да врне снег од еден до два сантиметри на час. Невремето се прошири и во Канада со обилен снег и силен ветер.

Замрзнат дожд се очекува во северниот дел на САД. Од друга страна во долината Мисисипи се очекуваат силни грмежи, град и пороен дожд. Тексас веќе е погоден од серија бури што предизвикаа торнада на север. Најмалку седум лица во Тексас се повредени, а оштетени се и бројни згради.

Тагови

Поврзани вести