КултураНастани

„Симулации“ на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

Во Музејот на современата уметност на Војводина во Нови Сад, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Симулации“ на авторите Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски чиј куратор е Сања Којиќ Младенов.

Изложбата функционира преку меѓусебната поврзаност на два уметнички концепти кои без оглед на посебностите и спецификите на личните дискурси повремено се допираат и се испреплетуваат.

 Моника Mотеска со својата инсталација конципирана во два дела под заеднички наслов „Дишење под“ го истражува процесот на архивирање и односите кон меморијата и онтолошките потреби на луѓето за складирање на своите резултати. Овој проект е надоврзување на претходната работа на авторката каде што таа ја обработува мртвата природа, но се поигрува со терминот. Користи иконографски симболи на мртва природа: птици, цвеќе, во овој случај риба. Тука завршува класичниот третман и се отвора ново значење, алегориско поместување од основната иконографија.

Во концептуалното дело „Инстант семејства-мултипликација на љубовта“ Роберт Јанкулоски го истражува актуелниот социјален контекст на современото живеење преку Скопје, градот каде што живее и работи. Користејќи го фотографскиот медиум создава „семејни“ фотографии на лажни семејства, ставајќи ги во амбиент во кој некои објекти изгледаат како да се компјутерски додадени на фотографијата.

Изложбата “Симулации” преку двата различни пристапи се занимава со односот на вистинското и лажното, веродостојното и манипулативното во уметноста и општествената реалност, поврзувајќи ги со прашањата за местото на човекот и на семејствата во нив.

Изложбата ќе биде отворена до 6. мај 2018 година.

Тагови

Поврзани вести