Свет

Протести поради забраните и ковид-сертификатите во Бугарија, обид за упад во Собранието

Во период кога Бугарија бележи рекорден број новозаразени со ковид-19 од почетокот на пандемијата, пред бугарското собрание во Софија се одржуваат протести против воведувањето на ковид-сертификатите.

Протестите што ги организира партијата Преродба во текот на изминатиот ден ескалираа и имаше неколку повредени, но и приведени демонстранти. Како што јавуваат бугарските медиуми, неколку жени биле извлечени од толпата пред народното собрание, бидејќи им се слошило, а бил уапсен маж што со себе носел гасен пиштол. Полицискиот кордон поставен пред зградата на парламентот бил пробиен, а демонстрантите се упатиле кон влезот скандирајќи „Оставка“.
Според извештаите на медиумите, демонстрантите стигнале до портата на Народното собрание, во кое, иако седницата завршила, сè уште се наоѓале некои од пратениците. Тропајќи по прозорците и вратите, тие се обиделе да влезат во собраниската зграда, но не успеале во намерата, додека, од друга страна, полицијата успевала да ја задржи толпата надвор.
Иако организаторите повикуваа да се смират тензиите, тоа не се случи, наведуваат бугарските медиуми. Вчера меѓу повредените, покрај демонстранти, имало и полицајци. Медиумите пренесуваат дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.

Тагови

Поврзани вести