Живот

Пронајдоа четири нови колонии на царски пингвини на Антарктикот

Научниците пронајдоа четири нови колонии на царски пингвини на Антарктикот со помош на сателити, а сега бројот на познати групи во областа се зголеми на 66. Ова е исклучително важна информација за експертите кои го следат видот, кој е во зголемени проблеми поради климатските промени.

Имено, царските пингвини се парат, несат јајца и одгледуваат млади на морскиот мраз поврзан со брегот. Мразот е прикачен на брегот, се протега кон морето и останува на истото место во текот на целата зима. Може да исчезне во летниот период и повторно да се формира во текот на годината.

Но, во делови од Антарктикот, поради климатските промени, овој вид мраз е намален, што може да има долгорочни последици за царските пингвини. Патем, тоа е најголемиот вид пингвини (високи се над 1 метар). Овие животни живеат во екстремни услови, а во екот на зимата на Антарктикот се собираат за да се размножуваат.

Нивните колонии се просечно оддалечени околу 250 километри. „Добро е што, и покрај климатските промени, сè уште наоѓаме колонии на царски пингвини. Но, јасно е дека овие птици ќе мора да се прилагодат, да се преселат во нови околни области. Веќе гледаме докази за тоа”, рече Питер Фретвел од Британското Антарктичко истражување (БАС), како што објави Би-Би-Си.

Имено, сателитски податоци покажуваат дека две од четирите новооткриени колонии го промениле своето „живеалиште“. Овој метод за следење на пингвините се покажа како многу ефикасен, особено ако се земе предвид големината и растојанието на Антарктикот.

На сателитски снимки, колониите може да се препознаат по бојата на изметот на белиот мраз. Ако има доволно птици, оваа боја може да се види дури и од вселената. Колонијата Халеј Беј некогаш била втора по големина на цел Антарктик, но исчезнала во 2016 година кога ситуацијата со морскиот мраз наеднаш се променила. Илјадници млади царски пингвини се удавиле или замрзнале до смрт кога се распаднал мразот на кој се собирале.

Истражувањето за новите колонии на пингвини беше објавено во списанието Антарктик Сајенс.

Тагови

Поврзани вести